Ова е нова фаза на нивниот развоен, контекстуален проект „Хансеновиот музеј на модерната уметност“, кој го започнаа во 2007 година според достапната документација по архитектонскиот предлог од Хансен. Актуелниот проект е настанат за време на нивниот резиденцијален престој во културниот центар „Тобачна 001“

Македонските уметници Јане Чаловски и Христина Иваноска го претставуваат новиот заеднички проект „Од страна: Перформанс што треба да се случи“ во културниот центар „Тобачна 001“, во Љубљана, со кој ги истражуваат хипотетичките можности на изложбената програма на неостварениот музеј на модерната уметност во Скопје, кој во 1966 година го осмислил полскиот архитект Оскар Хансен.
Тоа е нова фаза на нивниот развоен, контекстуален проект „Хансеновиот музеј на модерната уметност“, кој го започнаа во 2007 година, според достапната документација по архитектонскиот предлог од Хансен.

Актуелниот проект, настанат за време на нивниот резиденцијален престој во културниот центар „Тобачна 001“, е инспириран од Привремената словенечка танцова архива на Рок Вевар (2012), а замислен е како кореографска инсталација што нуди повеќекратни можности за ангажирање. Освен Хансеновата теорија на отворени облици, проектот е инспириран и од композицијата „Новара“ (1962) на американскиот автор Ерл Браун, кој создал отворена форма како концепт на музичка структура и перформанс. Исто така, се потпира на скици на дизајн за облека со инструкции што ги оставила во 1935 г. Антонаета ван Ајк, студентка по кроење во Мастрихт.

За време на резиденцијалниот престој во Љубљана, Чаловски и Иваноска поминаа одредено време во Веваровиот архив, кој е сместен во музејот на современата уметност „Метелков“, а ги истражуваа корелациите на практичната и концептуална примена на теоријата на отворена форма во контекст на архивата како перформативен акт. Таквото разбирање на архивата, кое се појавува како последица на институционалното занемарување, важно е во контекст на сфаќањето на Хансеновата изјава дека „сите сме глумци (жената носи бебе, мажот вози кола, детето свири виолина…)“ и дека „сите играме улоги што ја преобликуваат претставата за тоа што е стварно, а што е инсценирано“. Веваровиот архив така станува одраз на театралноста како начин на прикажување на стварниот живот.

Изложбата го опфаќа и рецентното дело „9 принципи на Отворена форма“ (2018) – серија плакати како визуелни алатки што си поигруваат со Хансеновите теориски и визуелни принципи што ги применувал во практика. Изложбата опфаќа и серија слики со помал формат што произлегле од асоцијативните бои и шеми на друг значаен Хансенов теориски концепт – Линеарниот континуиран систем, во најголем дел применет во неговите урбанистички проекти. Со намера да понудат можност за поапстрактно (или поасоцијативно) читање на теориските идеи, Чаловски и Иваноска ја вклучуваат и типографијата на Архетип на отворени форми, која ја развиле во 2007 година. Зборот или реченицата напишани со тоа типографско решение, кое исклучува хоризонтални и вертикални линии, претставуваат онтолошко и визуелно објаснување на теоријата како типографија.

Иако Хансеновиот проект на скопскиот музеј никогаш не е реализиран, тој одѕвонува во делото на Чаловски и на Иваноска во вид на можност за контекстуализација на уметноста и општествените феномени преку „променливиот изложбен простор“. Дел од анализата што ја спроведоа уметниците, за која предаваа и која ја претставуваа во различни продукции е серија оригинални плакати што на свој начин ја материјализираат програмата на институцијата. Плакатите ѝ се посветени на личности како што се Ад Реинхарт, Ана Мендиета, Пол Тек, Сузан Зонтаг, Младен Стилиновиќ, Душан Перчинков и други. Со секоја заедничка изложба уметниците го активираат Хансеновиот „условно совршен музеј“ како социополитичка сцена што е дизајнирана така што уметнички и институционално ја врамува и одразува разновидноста на градот.

Уметничката практика на Чаловски и на Иваноска, меѓународно признаени уметници што ја претставуваа Македонија на 56-то Биенале на уметноста во Венеција во 2015 година, е комплексна и контекстуална, а започната е пред речиси 20 години. Тие се фокусирани на темите и концептите на архитектурата, историјата и теоријата на уметноста, како и на политичката стварност, креирајќи нови процеси на продукција, сценарија на поставки и нови знаења.
Досега изложувале во Скопје, Загреб, Водњан, Кина, Катовице, Љубљана, Истанбул, Берлин, Белград, Малме. Активни се и на македонската независна културна сцена, како и во регионот.