Такаши Мураками

Највлијателни современи уметници на денешницата

Јапонскиот уметник Такаши Мураками ги запиша факултетските студии по уметност по потешкотиите со средното образование, бидејќи сметаше дека тоа е негова единствена опција. Но, успеа да дипломира и да се пресели во Њујорк, каде што создаде сопствен стил во кој „Истокот се среќава со Западот“, што го прослави, добивајќи го прекарот „јапонскиот одговор на Енди Ворхол“. Тој ги освои критичарите и соработуваше со познати брендови како што е „ЛВМХ“, но и со музичката ѕвезда Канје Вест и со Музејот на современата уметност (МоМА) во Њујорк, творејќи преку неговата компанија „Каикаи Кики“. Мураками се занимава со традиционалните техники на сликарството и вајарството, како и со комерцијалните платформи на модата и анимацијата.

– Речиси се откажав од средното училиште, но сакав да одам на факултет. Почнав да студирам на 20-годишна возраст откако двапати паднав на приемниот испит. Подоцна се одлучив за уметничката кариера. Имав 26 години кога се обидував да правам анимирани филмови, но не успевав да создадам нешто добро. Затоа одлучив да станам уметник. Моето семејство беше сиромашно и ми беше потребна работа – објаснува Мураками во неодамнешно интервју.

Џеј Ар

Францускиот уличен уметник и фотограф познат под псевдонимот Џеј Ар, исто така на необичен начин влезе во светот на уметноста. Тој ја почна кариерата како тинејџер, а пресудно беше пронаоѓањето на фотоапарат во париското метро со кој почна да го документира создавањето на уличните графити. На 17-годишна возраст веќе создаваше нелегални улични изложби, ставајќи фотокопии од неговите фотографии на јавни површини. Џеј Ар е познат по хуманистичкиот пристап кој ја отсликува општествената реалност. Магазинот „Тајм“ го вброи меѓу 100-те највлијателни личности во 2018 година.

Делото на Џеј Ар поставено на зградата во која е сместена француската амбасада во Рим

Французинот минатиот месец го претстави неговото најново дело насловено „Точка на исчезнување“, кое се протега на површина од 600 квадратни метри. Тоа е поставено на зградата Палацо Фарнезе во која е сместена француската амбасада во Рим. Делото ја отсликува желбата на амбасадата да остане „отворена“ и за време на реновирањето на објектот.

Студентите што ќе се запишат на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) во претстојната академска година ќе имаат прилика да добијат образование и обука што ќе им овозможат самостојно да опстојат на домашната или на меѓународната ликовна сцена по завршувањето на студиите. Во рамките на ФЛУ се реализираат студиски програми по сликарство, вајарство, графика и по ликовна педагогија. Пријавувањето за уписот е во тек.