Промоција на зборникот на трудови „Културата на распродажба: консумеризмот и комерцијализацијата на културните продукти“ ќе се одржи на 20 февруари, во 12 часот, во просториите на Институтот за македонска литература. Овој зборник е резултат на Меѓународниот научен собир, со дебата „Културата на распродажба: консумеризмот и комерцијализацијата на културните продукти“, одржан во Институтот за македонска литература во ноември 2018 година, а објавен во декември 2019 година. Главни уредници на изданието се професорките Ана Мартиноска и Маја Јакимовска-Тошиќ од Институтот за македонска литература, а извршен уредник е Билјана Јоновска-Стефковска. Изданието е објавено со материјална поддршка на Министерството за култура.

– Веруваме дека зборникот ја оствари својата цел за научно проследување на културата од аспект на нејзината релација со пазарното општество и актуелните општествени процеси поврзани со консумеризмот и комерцијализацијата на уметничките и културните производи. Создаден е како плод на една исклучително продуктивна дебата по повод 10-годишниот јубилеј од културолошките студии во нашиот институт. Дискутиравме за тоа дека денес има сè помалку нешта што не се на продажба, а потрошувачката не опфаќа само консумирање предмети и услуги туку и вредности, идеи, медиумски и уметнички претстави и слики. Од друга страна, прашањето на комерцијализацијата е прашање на индустрија и бизнис, во кои културата е само средство. Тоа нè доведе до дилемите за вредноста, стандардите и уште многу други горливи прашања на кои нема едноставен одговор, ниту само еден „виновник“ за распродажбата на културата – велат од институтот.

Во духот на културолошките студии и нивната долга традиција на промовирање теоретска бучава и разногласие, авторите, како што велат, не сакале зборник само за одбрани и докажани професионалци од областа, туку претпочитале отворен концепт што ќе им овозможи гласност и на сите други заинтересирани, во и надвор од академската средина.

Провокативни беа и промислувањата на теми поврзани со музиката – од рокенролот, џезот до филмската музика, потоа оние од сферата на танцот, виртуелната уметност, медиумите, супкултурата… Притоа, сите овие процеси беа анализирани во глобален контекст, но во голема мера и локално, со желба да се проследи до каде се оди со комерцијализацијата на културата во актуелниот миг во Македонија, колку овие процеси ја соголуваат културата од нејзината основна суштина и ја менуваат за потребите на пазарот – велат од Институтот.