Археолошките истражувања на 79 гроба и пронајдените предмети, од кои некои уникатни, во подрачјето на Долно Повардарие, несомнено укажуваат дека некрополата Милци кај Гевгелија има големо значење во проучувањето на религијата на пајонските заедници. Со систематските ископувања на гробните конструкции во периодот од 2011 до 2016 година, инвентарот на пронајдени предмети се состои од расфрлени ниски мониста од бледожолта и сина стаклена паста компонирана во облик на ѓердан, керамички комплет од длабоки чинии, шолји и бокал, фрагментирана железна игла и група метални предмети меѓу кои и пронајдениот уникатен бронзен предмет во форма на музичкиот инструмент лира.

– Сите предмети се најдени во затворени гробни целини, што во односното време на некрополата Милци ѝ обезбедува место на најзначајно наоѓалиште на погребни метални прилози, особено на македонско-пајонските бронзи во овој дел од Долно Повардарие – вели Бобан Хусеновски археолог од гевгелискиот Народен музеј.

Интересот, вели тој, бил насочен кон откриениот нов тип уникатен бронзен приврзок, кој според обликот претставува намалена стилизирана копија на музичкиот инструмент лира.

– Неговата појава на некрополата Милци може да го доближи до категоријата декоративни предмети, но и до категоријата вотивни или предмети со култна намена. Несомнено е дека со него ќе се збогати листата на метални гробни наоди, класифицирани во периодот на развиеното железно време – вели археологот Бобан Хусеновски.

Според него, од суштинско значење е атрибуцијата на лирата на богот Аполон, кој во улога на чувар на музиката ќе се доближи до обичајот за почитување на култот на сонцето кај пајонските заедници, кое било преточено во еден од најстарите култови раширен по европскиот, медитеранскиот и балканскиот простор уште во бронзеното време. Огромно е значењето на уште еден предмет пронајден во некрополата од железното време, Милци кај Гевгелија. Тоа е фрагментираната златна фолија чиј автентичен облик, поради нејзината истрошеност и деформациите, не може да се согледа во целост.

– Од нејзиниот оригинален изглед и пластичната декорација недостигаат ситни делови. Надворешниот раб е врамен со двојна рамка, а во центарот се наоѓа умбо околу кое се шири розета од 16 листа со бадеместа форма, која на крајно стилизиран начин упатува на сонцето, а можеби и на постојниот култ кон него – појаснува Хусеновски.

Тој наведе дека некрополата Милци во близината на Гевгелија е евидентирана пред повеќе од 40 години и досега во неколку наврати на неа се вршени систематски археолошки ископувања.