Романот „Некој бил тука“ на Николина Андова-Шопова е добитникот на престижната книжевна награда „Роман на годината“ за 2018 година, која ја доделува фондацијата за промоција и унапредување на културата „Славко Јаневски“. Издавач на романот е „Темплум“, а одлуката беше соопштена вчера во Културно-информативниот центар во Скопје.

Годинава одлуката за наградата тајно, со мнозинство гласови ја донесе петчленото жири во состав: Фросина Пармаковска (претседателка и минатогодишна лауреатка), поетот Богомил Ѓузел, писателите Елизабета Баковска и Александар Прокопиев и претставничката на фондацијата, Катерина Богоева. На конкурсот пристигнаа 36 дела, а во финалето влегоа романите „Страв од варвари“ од Петар Андоновски, „Маџун“ од Влада Урошевиќ и „Некој бил тука“ од Николина Андова-Шопова.

– „Некој бил тука“ е роман што се чита брзо и лесно, но истовремено е и приказна што не е ниту површна, ниту плитка. Тој е исклучително зрел и убедлив, тежок и емотивно напорен текст за читателот. Се работи за долготрајна и мачна себеотуѓеност, која, низ необична и нималку наивна игра со и во просторот, резултира во едно неопходно и неизбежно себесретнување. Раскажувањето на Андова-Шопова со леснотија го повлекува читателот во морето од сомнежи, стравови и сеќавања, при што е потребна подготвеност за веднаш и бескомпромисно да се нурне во длабокото – вели жирито.

Николина Андова-Шопова (1978) за првата поетска книга „Влезот е од другата страна“ (2013) ја доби наградата „Мостови на Струга“. Книгата е издадена и на англиски јазик. Во 2014 година ја објавува втората поетска збирка „Поврзи ги точките“.