Во една пригода Лист за својот колега Шуберт рекол: „Времето за него било двојно подолго, годините се стискале во месеци и – иако рано бил оттргнат од својата уметност – успеал да ја доживее зрелоста на својата генијалност“. Ова е најточниот опис за Шуберт. Живеел само 31 година (1797-1828), а оставил огромен музички опус – околу 600 соло-песни, 8 симфонии, повеќе композиции за пијано, камерна и црковна музика… дела за неколку живота.

Франц Шуберт е првиот во низата големи романтичарски композитори. Во музиката вовел нов израз, нови естетски вредности и ги поставил темелите на музичкиот романтизам. Неговата инструментална музика е певна како и вокалната, но без мелодраматика и патетика. Сите романтичарски композитори по него го граделе својот стил врз одликите на неговиот музички говор.

Професионалните почетоци му се во педагогијата, но набргу станал слободен уметник, често на работ на егзистенцијата. Иако постојано интензивно компонирал, неговата музика била непозната за пошироката јавност. Своите дела ги изведувал во кругот на пријателите, на музичките вечери во нивните домови. Првиот и, за време на неговиот живот, единствен јавен концерт со негови дела се одржал осум месеци пред неговата смрт. Кога животните неволји почнале да го нагризуваат неговиот организам, а болестите зеле замав, почнал да твори со трескавична брзина, како да го претчувствувал крајот. Своите композиции често ги подарувал, па некои од нив се изгубиле, а некои долго останале заборавени.

е случајот со неговата Осма симфонија. Ја напишал во 1822 година и му ја подарил на Музичкото друштво во Грац, каде што останала до 1865 година, кога била пронајдена и праизведена. Манускриптот содржи два става и скица за третиот. Оттаму е нејзиниот популарен наслов „Недовршена“. Музиката звучи како оживување на отсонуван сон, целосно, доречено и заокружено. Неодамна, во поткровјето во Виена, во кое Шуберт ги поминал последните денови од својот живот, пронајдени се шест нотни листа со целосно оркестрирана музика, за која се верува дека е несуден став од „Недовршената симфонија“.
По повеќе од 150 години изведување на „Недовршената симфонија“ како диптих, би било чудно да ја чуеме со овој „додаток“. Исто како „Галебот Џонатан Ливингстон“ на Ричард Бах, новиот, четврти дел – дополнително допишан и објавен, дочекан без одушевување – „иако е убаво напишан, ни го урива детството“, како што вели една наша врвна писателка.

Лада Шоптрајанова Петровска