Со проекција на „Часот на рисот“ снимен во 2013 година, вечер од 20 часот во Кинотеката на Македонија ќе почне Неделата на современ дански филм.

Филмот е по сценарио и режија на Сорен Краг-Јакобсен, еден од најреномираните дански режисери и соосновач на проектот „Dogme 95“ што ја прослави данската кинематографија и нејзините автори во светот на крајот на минатиот век.

„Dogme 95“ како веристички филмски правец, во кој спаѓаат и познатите автори Ларс фон Трир и Томас Винтернберг, се залагаше за филмови снимени на традиционален начин, без специјални ефекти и висока технологија. Краг-Јакобсен е ученик на прашката школа, а меѓународен успех стекна со филмот „Мифуне“ од 1999 година. Тој е и популарен музичар.

Од утре и во наредните денови до 11 ноември на програмата се уште пет филма, сите снимени во 2015 година: „Долга кратка приказна“ во режија на Меј ел-Туки; документарецот „Природно растројство“ на режисерот Кристијан Сондерби Јепсен; „Посвета на љубовта“ на Михаел Ноер; „Розита“ во режија на Фредерике Аспек и „Ќерката на вештерката“ на Кенет Каинз.