Во Кинотеката на Македонија, од денеска до 23 мај, ќе се одржува XXI издание на „Неделата на италијанскиот филм“, ревија на италијански филмови, која годинава е посветена на темата миграција. Отворањето е вечерва, во 20 часот, со проекција на филмот „Леб и чоколадо“, во режија на Франко Брусати (1973).
Доколку дозволат временските услови, проекциите ќе се одржат на отворено, во дворот на Кинотеката, а во спротивно ќе се прикажуваат во главната сала. Сите филмови ќе бидат повторно прикажувани следниот ден, со почеток во 18 часот. На програмата се и филмовите „Да ви се претставам? Роко Папалео“, „Убав, чесен емигрант во Австралија би се оженил со чесна сограѓанка“, „Сако и Ванцети“, „Новиот свет“, „Добредојдовте на југ“. Филмовите се преведени на македонски јазик, билетите се бесплатни, а може да се резервираат на 02/ 30 65 968.
– Заедничката нишка што ги врзува овие филмови се миграцијата и промените што самата таа ги претрпе со текот на годините. Италија, во минатото земја на емигранти, стана дестинација за емигрантите во последните децении. Преку прикажување филмови од различни епохи ќе може да се направи пресек на феноменот на емиграцијата од различни аспекти, комичен, понекогаш дури и ироничен и саркастичен, но исто така и историски и драматичен – информираа од Италијанската амбасада.