Официјалната свечена инаугурација на 19 издание на Неделата на италијанскиот јазик свечено ќе се отвори во Националната Кинотека на Македонија в понеделник во 19:30 часот. Темата на годинешното издание е „Италијанскиот јазик на сцената“ и предвидува проекции на филмови, театарски претстави, музика и поетски читања, во кои италијанскиот јазик не е само комуникациско средство, туку и средство за пренос на културата. Првиот настан ќе биде проекцијата на ремек-делото на италијанскиот нем филм „Кабирија“, колосалниот проект во бои, чие сценарио го напиша познатиот италијански писател Габриеле Д’Анунцио . Проекцијата ќе биде придружена на пијано од Марио Мариани. Се работи за премиерна проекција на овој филм во Македонија.                                                           

Бројни се настаните на XIX Недела на италијанскиот јазик организирани од Амбасадата на Италија во Скопје во соработка со други институции и здруженија, кои сведочат за големиот интерес за италијанската култура и јазик.                                                        

Во текот на изминатите денови (17 и 18 октомври), Катедрата за италијански јазик и книжевност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје организираше две конференции на професорот по италијанска лингвистика на Универзитетот во Џенова, Лоренцо Ковери, на тема „Патување низ италијанскиот јазик на музиката од Неапол до Санремо, од сцената до светот“, едно долго и интересно патување низ употребата на италијанскиот јазик во песните на првите години на 20 век па сè до денес.

Вечерта на 22 октомври ќе биде посветена на театарот, со посебен омаж кон македонскиот драматург Горан Стефановски. Неговите тесктови, за првпат преведени на италијански јазик од ќерката на авторот, Ана Стефановска, и од режисерот Лука Кортина, ќе ги рецитира актерката Христина Цветаноска во галеријата „Даут пашин амам“. Што се однесува на италијанската музика, в четврток на 24 октомври, во Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе се одржи вечерта посветена на познатиот италијански кантавтор Фабрицио Де Андре, одбележувајќи 20 години од неговата смрт. Професорката Љиљана Узуновиќ од Катедрата за италијански јазик и книжевност при УКИМ ќе се осврне на ликот и делото на музичарот, а во продолжение музичката група Бона Деа ќе изведе неколку негови познати песни.                                                                                     

На 25 октомври ќе се одржи концертот „Да пееме на италијански“ приреден од студентите на Универзитетот на Југоисточна Европа, додека пак вечерта, во просториите на МКЦ, ќе се одржи поетско читање – во присуство на авторот – на стихови од збирката „Зборот на непријателот“ на Лука Бенаси. Од 20 до 28 октомври во Националната Кинотека на Северна Македонија ќе се прикажува и интересната кинематографска ревија „Реставрирани италијански филмови“, една низа познати филмови на најголемите италијански режисери, во соработка со Националната Кинотека во Рим.                                                             

Ќе има и бројни активностите организирани од Македонското здружение на професори по италијански јазик во соработка со голем број македонски училишта (не само во Скопје) каде се изучува италијанскиот јазик.