Што добиваат градовите од титулата „Европска престолнина“

Веќе неколку децении, Европа низ културата ги поврзува народите на Стариот Континент во вистинско семејство. Токму желбата за поврзување беше еден од основните мотиви врз чиј темел во 1980-тите години тогашната министерка за култура Мелина Меркури и нејзиниот француски колега Жак Ланг, наводно чекајќи го на аеродром својот лет, го осмислија проектот „Европска престолнина на културата“. Целта е да се истакнат богатството и различноста на културите во Европа, да се слават оние делови на културата што Европејците ги делат, да се издигне свеста за припадноста на ист културен круг и да се негува придонесот на културата во развојот на градовите. Резултат е регенерација на градовите домаќини на проектот, зголемување на нивната видливост, создавање поинаков имиџ кај гостите и кај самите жители и развој на туризмот, но и некои нови индустриски гранки.

Сѐ почна во 1985 г. во Атина, која беше првата престолнина на културата, а во текот на повеќе од 30 години таа титула ја понесоа шеесетина града, од големите како Париз, Амстердам и Берлин до помалку познати како романскиот Сибиу или шведскиот Умеа. Колку и да се градовите различни, мотивацијата е секогаш иста – публицитет, развој на локалната културна сцена, инвестиции, туризам. Сите што ја понесоа титулата се обидоа најдобро што можат да го изработат проектот, но факт е дека некои тоа го направија многу поуспешно од други.

Меѓу најдобрите примери се британскиот Ливерпул, белгискиот Монс, словачкиот Кошице… Ливерпул ја понесе титулата во 2008 година, а бројките се мошне импресивни: 9,7 милиони дополнителни туристи, пораст на туристите за 34 отсто во однос на претходната година, 35 отсто вкупни гости дојдоа во градот поради манифестацијата, а тие генерираа околу 750 милиони фунти промет во Ливерпул и околината. Голем дел од оние што дојдоа во градот таа година тоа го направиле првпат, 51 отсто од локалните културни сили сметаа дека на крајот на годината Ливерпул се позиционирал како „светска класа“, 8 отсто се зголемил бројот на вработените во креативните индустрии, 85 отсто граѓани сметаат дека градот станал подобар по добивање на титулата. Особено е интересно дека Ливерпул во тековната година, но и во годините потоа, продолжил да ги мери конкретните предности. Лани е објавен извештај што се занимава со десетгодишниот период по добивањето на титулата и од опширната документација е најважно да се нагласи дека целиот проект и тоа како бил исплатлив по сите показатели.

Францускиот Лил, пак, проценува дека на секое евро вложено за организација на манифестацијата во локалната економија се вратиле 6 до 8 евра, додека белгискиот Монс во истата категорија повратот го оценува со 5 до 6 евра на секое вложено евро. Овој град станал туристички препознатлив и од годината на титулата му останал буџет со кој е започнато ново уметничко биенале што и денес се одржува. Околу 3.000 работни места во градот и околината се поврзани со креативните и дигиталните економии, додека во германскиот град Есен и во областа Рур, според податоците од 2015 година, во овие индустрии има дури 86.000 вработени.

Марсеј и регионот во 2013 г. привлекоа рекордни 11 милиони индивидуални посети, дури 16,5 милиони евра добија од приватни спонзори од 207 компании, а нивната титула беше дел од долгорочен инвестициски циклус тежок неколку милијарди евра што драстично го променија градот и поширокиот регион. Само во културната инфраструктура, како отворањето музеј на европските и медитеранските цивилизации, се вложени околу 600 милиони евра.

Полскиот град Вроцлав, кој титулата ја понесе во 2016 г. пријави пораст на приходите од 40 отсто, градот привлече 5,2 милиони туристи од кои 1,6 милион од странство, а според податоците на Европската комисија градот повлекол неверојатни 615 милиони инвестиции во годината кога бил европска престолнина. Словачкиот Кошице бил исто така успешен бидејќи 80 отсто од средствата за потребите на проектот ги повлекол од европските фондови, а градот се претвори во препознатливо туристичко одредиште и центар на креативните индустрии.

Во Марсеј, на пример, имаше голема изложба на Сезан, Ван Гог и Бонар, која ја видоа половина милион посетители, но во исто време во еден од проектите беа прошетани 3.000 овци низ градот за урбаните жители да се потсетат на своите рурални корени. Во германскиот Есен, пак, 800 пејачи и повеќе од 150 музичари ја зазедоа сцената изведувајќи ја Осмата симфонија на Густав Малер точно сто години по нејзината премиера, отворен е музеј на рударството, кој го поврза индустриското минато на целиот регион Рур со постојаните миграции што оваа индустрија ги предизвикала. Монс беше домаќин на осум града (Лондон, Токио, Монтреал…), кои имаа по 11 дена да се претстават со својата културна сцена, но и со гастрономијата…
За проектот да им се обрати на што поголем број луѓе на организаторите им паѓале на памет најразлични идеи. Во Пилсен, на пример, граѓаните беа водени на тури низ историските делови на градот, но беа организирани и квартовски трки на косилки за трева. Рига осмисли серија квартовски фотографски изложби на портрети на обични луѓе, финскиот Турку се потсети на пожарот од 1827 г. низ хевиметал-мјузикл што го изведе тамошниот младински театар со изведувачи до 14 години, а Ливерпул може да се пофали со дури 10.000 волонтери.

Со оглед на тоа дека податоците укажуваат на голема корист од титулата, не е чудно што за неа се борат по неколку града секоја година, така за италијанската престолнина Матера во 2020 година биле во конкуренција 21 град, меѓу кои и Венеција, а во 2016 г. за титулата се бореа 16 шпански и 11 полски града.
Концептот на „Европската престолнина на културата“ се прошири и надвор од Европа, па така и азиските земји направија своја верзија на проектот, а слични проекти има и во Јужна Америка.