Фасадите на зградите 44a и 46а на скопска Рузвелтова се „тапетирани“ со 130 црно-бели портрети на уметници, културни работници и креатори на културна политика, поддржувачи на културната сцена и имаат цел да го свртат вниманието на минувачите, општата јавност кон културата и уметноста, како неискористен потенцијал на општеството. Оваа иницијатива на Весела Моловска и на Марија Коробар е всушност локална активност на глобалната платформа „Инсајд аут“ и ја носи пораката „Нека светлината од уметникот се одрази врз целата заедница“. Платформата потцртува дека и уметноста може да биде двигател за промени, да ги постави вистинските прашања, да отвори нови можности, да го разбуди општеството и да влијае на колективната свест.

Сто и триесетина уметници и поддржувачи на културната сцена на Рузвелтова го мамат вниманието на минувачите и ги акцентираат културата и уметноста. За што поточно станува збор?
– Светски познатиот француски уметник ЏР го започнува истоимениот проект во 2011 година, како партиципативна платформа што им помага на поединците и заедниците да дадат изјава во општеството, преку групна акција, со прикажување црно-бели портрети од големи размери на јавни површини.
Повеќе од 400.000 луѓе низ 138 земји во светот, со свои идеи учествувале во овој проект. Реализирани се повеќе од 2.000 акции на разни тематики – образование, разновидност, климатски промени, уметност (култура), кои се само дел од темите што ги опфаќа. Заедно со Максим Ристевски сме во процес на создавање на повеќегодишна програма и, меѓу другото, планот беше да стапиме во контакт и со надворешни реномирани автори. Весела стапи во контакт со ЏР, по што ѝ беше предложена соработка од нивна страна. Така се приклучивме на оваа акција, затоа што сметаме дека имаме прашања што треба да се отворат.

На глобално ниво, какви сѐ акции прави „Инсајд аут“ во одбрана на уметноста и културата?
– Ова е проект со утврдени правила каде што секој се вклучува со своја идеја. Секоја акција е посебна приказна. Секое општество има свои потреби и секој во својата заедница дејствува според потребите што ги смета за нужни. Нашата акција е апел за неопходноста и итноста за поддршка на уметниците, позастапена култура на јавен простор, како и критика кон институциите што се должни да бидат во функција на граѓаните.

Како се правеше селекцијата на уметници и културни работници на Рузвелтова?
– Краткиот временски период што го имавме за реализација донекаде и ни одговараше. Свесни за тешкиот избор што следува и ограничувањето во однос на средствата, одлучивме да се водиме според основната идеја тоа да бидат уметници и културни работници и поддржувачи на културната сцена што на свој начин оставиле белег во општеството, личности без политичка заднина, етаблирани во својата дејност.
Какви промени посакувате да иницирате со ова уметничко движење?
– Не сметаме дека едно уметничко дело може да направи промена, така што ни со оваа акција не можеме да ја направиме, но ставањето во фокус на лицата што стојат зад нашата порака „Нека светлината од уметникот се одрази врз целата заедница“ може да поттикне на актуализирање на прашањето и неопходноста од колективен труд на уметниците и институциите околу таа идеја. Уметноста има објективни можности да биде двигател за општествени промени. Може да ги постави вистинските прашања, да поттикне промена, да го разбуди општеството. Може да има форма на протест, да се обраќа за социјални и политички прашања.

Каква стратегија за култура на јавен простор му треба на градов?
– Ни недостига стратегија за развој на културата, особено недостига поддршка на уметниците. Во светот постојат модели како се стимулира дејноста, тоа се прави на национално ниво. А на градот му недостига повеќе културна програма на јавен простор. Малобројните случувања од овој карактер собираат значителен број публика, што ни укажува дека граѓаните имаат ваква потреба. Секој настан во Градскиот парк, на пример, го пополнува капацитетот на паркот.

Инсталацијата на Рузвелтова ќе „трепка“ два месеца…
– Нашата инсталација е од привремен карактер со идеја да испрати порака. Временските услови ќе го диктираат времетраењето. Акцент на проектот е изработка на краток документарен филм, во кој ќе ги нотираме мислењата на уметниците и граѓаните за нивните ставови и идеи во врска со прашањата што ги поставивме. По ова следуваат низа идеи/проекти каде што фокусот го ставаме на уметниците, како и на создавање поширока публика.