Берлин

Славниот Берлински филхармониски оркестар свиреше првпат по неколку месеци пред голема публика на 20 март, како дел од пилот-проектот во кој учествуваа околу 1.000 гледачи со негативен тест на коронавирусот.
– Сите карти за концертот се продале во рок од три минути, изјави уметничката директорка Андреа Зитцман, што е протолкувано како знак на притаена желба за културни настани во живо, додека пандемијата продолжува да се шири во Европа. Пред концертната сала е сместен посебен центар за брзо тестирање на оние што купиле карти, и таму околу половина од публиката за концертот била тестирана. Резултатите потоа ги добила на своите мобилни телефони. Другата половина своите прегледи ги направила во центрите за тестирање на друго место. Негативниот тест морал да се покаже пред влегување во славната берлинска зграда и во златната, асиметрична концертна сала.

Неколку културни институции во Берлин ги здружиле силите во пилот-проектот, со вкупно девет настани планирани од почетокот на април. Берлинскиот застапник за култура, Клаус Ледерер, ѝ рекол на филхармониската публика дека се среќни што можат да го слушаат концертот во живо, со оглед на тоа дека театрите, концертните сали и другите големи куќи остануваат затворени во дел од Германија.
– Постојат луѓе што велат дека сме се мрднале од умот – изјавил Ледерер за скептиците за овој проект. Но кажал дека е клучно да почне да се отвора долго заспаниот културен сектор – двигател на локалната берлинска економија со глобална доблест. Ледерер истакнал дека зградата има функционални вентилациски состави и строги хигиенски правила.
– Каде, ако не овде, би можеле да испробате такво нешто – рекол тој.