На Конкурсот за објавување прва книга во рамките на проектот „Млади македонски писатели“, кој го поведе и распиша фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија презент“, во соработка со Агенцијата за млади и спорт, пристигнаа повеќе од 25 ракописи од млади автори до 30-годишна возраст.

Најголемиот број ракописи биле поетски, а неколку и со раскази, како и романи. Главно, ракописите биле наменети за возрасни, а неколку и со содржини за деца и млади. Авторите се од Скопје, но и од другите градови: Охрид, Битола, Кавадарци, Прилеп, Куманово, Кичево, Берово, Штип, Струмица, Велес…

Селекторот Христо Петрески, по внимателното разгледување и читање на сите пристигнати ракописи, одлучил да го избере за објавување и да го прогласи за најдобар ракописот „Белези“ од Мирослав Трајковски од Скопје. Ракописот содржи 31 песна и 7 писма.

Оваа книга ќе биде објавена во едицијата „Прва книга“ до крајот на овој месец, кога се очекува да излезе од печат и првиот двоброј на списанието „Пергамент“, во кое ќе бидат објавени и некои од творбите од ракописите пристигнати на првиот конкурс за објавување книга во едицијата „Прва книга“.