Вечерва во 20 часот во објектот „Мала станица“ при Националната галерија на Македонија ќе се отвори изложбата „Плакатот во Националната галерија на Македонија“.
– Во текот на седумдецениското постоење на оваа Национална установа, во годината кога го прославуваме овој значен јубилеј, горди сме што првпат ги изложуваме плакатите што биле дизајнирани по повод сите изложби низ повеќе децении, поточно опфаќаат период од петтата деценија на минатиот век па до денес. Најстариот изложен плакат е од далечната 1955 г. од изложбата на големиот Хенри Мур, одржана во „Даутпашиниот амам“, каде што и е основана Уметничката галерија на Македонија, со својата поставка во далечната 1948 г. Преку оваа изложба на плакатот се потсетуваме на низа ретроспективни претставувања на уметниците од основоположничката генерација, Личеноски, Мартиноски, Пандилов, Лазески… Димо Тодоровски, самостојни изложби на професорите од факултетот за ликовна уметност, Мазев, Шемов, Хаџи Бошков… – најавуваат од НГМ.
Значајни за Националната галерија се претставувањата на престижното Венециско биенале на уметноста, а изработените плакати ќе може да се погледнат на оваа изложба, потоа соработката со сродни институции од странство и со нашите центри во САД, Бугарија, како и со градот Нирнберг. За секој проект изработен е соодветен плакат во координација со уметникот или кураторот, ликовниот уметник има можност преку плакатот да ја информира публиката и наедно преку својот ликовен израз да ја пренесе пораката. Изложбата ќе ја отвори директорката на НГМ, Дита Старова Ќерими.