Арбус беше американска фотографка, која се фокусираше на маргинализираните групи луѓе

Веб-страницата за фотографија неодамна објави список на највлијателните женски фотографи, чија уметност има моќ да инспирира и воодушеви. Доаѓајќи од целиот свет, овие фотографки снимија сè, од улици, патувања и пејзажи, архитектура и воена фотографија. Тие се уметници од различни временски периоди, различно потекло и следат различни жанрови. На оваа листа, покрај наведените десет, се најдоа и фотографките: Кандида Хофер, Хила Бекер, Сем-Тејлор Вуд, Имоген Кунингем, Герда Таро, Сели Мен, Зои Штраус, Мартине Франк, Куние Сугиура, Ширин Нешат и Тина Модоти.

1. Нан Голдин
Кариерата на Американската фотографка Голдин почна со фокусот на постпанк-музичката сцена во новиот бран во Бостон. Помеѓу 1979 и 1986 г., таа го создаде своето најважно дело, „Баладата за сексуалната зависност“. Овие слики прикажаа употреба на дрога, насилство, агресивни двојки и автобиографски моменти. Главни теми на нејзината работа се љубовта, полот, сексуалноста, домашната атмосфера, обично фотографирани со употреба на достапната светлина.

2. Корина Деј
Деј беше фотографка што од модна фотографија се префрли на документарна. Таа беше првата што ја фотографира Кејт Мос во нејзините тинејџерски години. Нејзината документарна фотографија започнала во моментот кога таа решила да се фокусира на своите пријатели корисници на кокаин. Таа исто така ги документираше и сопствените борби откако ѝ беше дијагностициран тумор на мозокот, од кој и почина.

3. Софи Кале
Кале, француска фотографка и уметница, ја започнува својата фотографска кариера во Венеција. Таа следела еден човек низ градот неколку дена и го фотографирала како приватна детективка. Нејзиното најзначајно дело е серијалот „Хотел“, каде што работела како собарка. Нејзината работа ја разгледува човековата ранливост и ги испитува идентитетот и интимноста.

4. Гилијан Веринг
Веринг е концептуална уметница од Бирмингем, Велика Британија, која во своите дела вметнува фотографии, видео и текст. Нејзино најпознато дело е „Знаци“, кое се фокусира на портрети на странци со кои Веринг се запознала во Лондон. Таа му пристапувала на секој од нив со хартија и пенкало и го замолувала да ги запише мислите. Нејзината работа ја разгледува индивидуалноста и како луѓето се гледаат себеси.

5. Дајан Арбус
Арбус беше американска фотографка, која се фокусираше на маргинализираните групи луѓе, претежно на трансродовите луѓе и циркуските изведувачи, како џуџиња и џинови. Арбус ја започнала својата кариера во комерцијалниот свет. За кратко време, таа сфатила дека е незадоволна од оваа работа, па бргу се префрлила на улична фотографија. Арбус, меѓу другото, работела и за „Вог“.

6. Дебора Копакен
Копакен е најпозната по нејзината воена фотографија и документарното фотографско новинарство. Родена е во Бостон, а дипломирала на Харвард. За да го следи својот фотографски сон, таа се преселила во Париз кон крајот на 1980-тите. Добила задача да ги фотографира муџахедините, кои во тоа време биле борци на слободата. Оттаму продолжила да фотографира во Москва, Зимбабве и во Амстердам.

7. Ени Лејбовиц
Не постои друг женски портретен фотограф толку познат како Ени Лејбовиц. За време на нејзината експанзивна кариера, таа ги фотографираше Деми Мур, кралицата Елизабета и Џон Ленон на денот на неговата смрт. Таа започна како фотографка за магазинот „Ролинг стоун“, што помогна нејзиниот специфичен стил да стане посилен и поисполиран.

8. Вивиен Маер
Маер стана една од најпознатите улични фотографи во последните неколку години. Нејзините фотографии биле откриени по нејзината смрт, од фотограф што ги купил на аукција. Работела како дадилка, а фотографијата ѝ била хоби. Маер ја чувала својата страст во тајност цел живот. Документарниот филм „Барајќи ја Вивиен Маер“ беше создаден за да се откријат повеќе информации за оваа тајна фотографка.

9. Доротеја Ланг
Ниту една друга фотографка не го покрила периодот познат како правливиот котел во Америка онака како што го сторила тоа Ланг. Нејзините портрети на сиромашни луѓе од еден од најтешките периоди на депресија предизвикуваат ужас. Фотографиите што таа ги создала влијаеле на развојот на документаристичкиот стил. Петнаесет години пред големата депресија, таа работела како фотографка во студио.

10. Синди Шерман
Синди е фотографка родена во Њу Џерси, специјализирана за концептуални портрети. Таа фотографира сама во своето студио, заземајќи повеќе улоги: авторка, режисерка, шминкерка, фризерка, костимографка и моделка. Таа се маскира и фотографира автопортрети што се фокусираат на социјалното играње улоги и сексуалните стереотипи. Во средината на доцните 1990-ти, Шерман започна да работи во светот на модата. 

Синди е фотографка родена во Њу Џерси, специјализирана за концептуални портрети