Во 2021-та се надеваме дека безброј планови, одења во кино, патувања и дружења ќе бидат надоместени. Ако 2020-та по нешто беше убава, тоа се секако книгите и времето за читање, како многубројните новитети, така и долгоочекуваните продолженија. Наведуваме некои од најочекуваните книги за 2021 година според престижниот „Тајм“.

„Дозволи ми да ти кажам што мислам“, Џоан Дидион
„Дозволи ми да ти кажам што мислам“ е новата збирка есеи на Џоан Дидон, која се состои од 12 автобиографски есеи што таа ги пишува од 1968 до 2000 година, но никогаш не се објавени. Допира широка палета на теми од американските весници до опседнатоста со текстовите на Хемингвеј и многубројни доживувања од својот живот.

„Прво лице еднина: Приказни“, Харуки Мураками
„Прво лице еднина: Приказни“ е осмиот роман на Мураками, во кој сѐ е раскажано во прво лице. Тој повторно се губи во просторот помеѓу мемоарите и фикцијата, можеби и самиот наратор е и фиктивен лик. Приказната покрива разни теми и личности, од сеќавања од детството, размислувања за музиката, љубовта кон спортот и џезот. И ова дело на Мураками се очекува да биде глобална сензација.

„Пливање во езерце на дожд“, Џорџ Сандерс
Сандерс веќе 20 години на факултет предава за краткиот руски расказ, а оваа книга е негово предавање во седум есеја. Сандерс дава свој поглед на некои од најголемите писатели, како Чехов, Тургењев и Толстој, и го доближува нивниот свет, истовремено говорејќи зошто фикцијата денес е многу поважна отколку кога било претходно.

„Клара и сонцето“, Казуро Ишигуро
Казуро Ишигуро ја освои Нобеловата награда за книжевност во 2017 година, а „Клара и сонцето“ е негов прв роман по тој успех. Приказната ја следи Клара, производ на вештачка интелигенција, која има неверојатни перцептивни способности. Во една продавница внимателно го набљудува однесувањето на купувачите, но и на оние што талкаат по улицата, а се надева дека некој од купувачите ќе ѝ се обрати токму нејзе.

„Ја следиме плимата“, Вендела Вида
Напнатата приказна за Вендела Вида е сместена во Сан Франциско, пред огромниот бум на технологијата во тој град. Во центарот на заговорот се две девојки, кои се сведоци на ужасен настан на пат кон училиште. Но тие не се согласуваат за тоа што виделе и што се случило, а едната од нив потоа исчезнува без трага. Киднапирањето крева прашина во мала заедница, а голем број тајни излегуваат на виделина.

„Посветениот“, Виет Тан Нгуен
Виет Тан Нгуен во моментов е еден од најсилните млади американски писатели. „Посветениот“ е долгоочекуван роман, кој го следи главниот јунак, кој пристигнува во Париз како бегалец. Тој и неговиот брат се обидуваат да го заборават своето минато таму и да почнат нов живот, а најбрзиот начин да го сторат тоа е да почнат да препродаваат дрога. Главниот протагонист се бори со асимилацијата во новата култура, а во исто време е фасциниран и уплашен од Париз. Тој се приклучува на група левичари, интелектуалци и политичари од чии вечери има најголем профит. Но тоа е само основата на она како ќе се одвиваат настаните.

„Афтершокови “, Надија Овус
Надија Овус, како девојче, поради работата на нејзиниот татко, често се сели од Европа во Африка и така одново. И токму кога таа и нејзиното семејство ќе се вклопат и сместат, мора да одат повторно. Таквото номадско воспитување и живот остава трага во семејството, во форма на голем број тајни и негодувања. Нејзината мајка исчезнува и се враќа, а таткото, во кого гледа херој, умира кога таа има само 13 години. Наскоро останува со маќеата и сама со себе, а потоа пристигнува во Њујорк, целосно изгубена и без свој идентитет. Овој мемоар е еден од највозбудливите новитети во годината што доаѓа.