Од светското кино

Новиот филм „Најлошата личност во светот“ на Норвежанецот Јоаким Трир, кој својата премиера ја имаше на Канскиот филмски фестивал, е модерна драма за потрагата по љубов и нејзиното значење во современо Осло. Приказната раскажува четири години во животот на Џули (Ренате Реинсве), млада жена што се движи низ проблематичните води на нејзиниот љубовен живот и се бори да го најде својот пат во кариерата. Почнува како несериозен лик околу тоа што сака од животот. Но во разврската, запознавајќи момче, таа го наоѓа своето ниво во животот. Животот ќе ја натера да сфати всушност која е таа навистина.
Актерката Ренате Реинсве доби одлични критики за неверојатно зрелата, чувствителна и симпатична улога.
Норвешкиот режисер, наедно и сценарист на филмот, Јоаким Трир, пак, се потпишува и на вознемирувачкиот трилер „Телма“ (2017) и предизвикувачката драма за зависност од дрога „Осло, 31 август“ (2011). Скандинавските филмови се познати по уметничката длабочина и по отсликувањето на граничните човечки состојби, па и овој филм го има истиот сензибилитет. И во овој филм Трир не отстапува од влегувањето во емотивните состојби на јунаците, документарноста и детализирањето.
Инаку, токму годинава „сребрената камера 300“ на тукушто завршениот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола ја доби кинематограферот Каспер Туксен за филмот „Најлошата личност на светот“ на Трир, за деликатната камера што до публиката ги приближува ликовите, кои се добро позиционирани во урбаниот пејзаж на Осло.