Пред точно педесет години, на 26 август 1968 година во САД, легендарната песна „Hey Jude“ од Битлси првпат го облагородила етерот со својата убавина (британската премиера била на 30 август). Наменета е за Џулијан Ленон, синот на Џон Ленон. Пол Макартни ја напишал за да го утеши тогаш петгодишното момче по разводот на родителите. Со стиховите му порачува дека она што во еден момент изгледа страшно и тажно, набргу, со малку труд, може да стане подобро. Дека чувството на безнадежност и тага, со помош на љубовта, може да исчезне и да биде заменето со чувство на олеснување и радост. Но првичната порака на „Hey Jude“ станала многузначна, благодарејќи на случајно (или не баш случајно) одбраното време во кое е издадена.
Летото 1968 година во Соединетите Американски Држави било лето на очај и омраза.

Антивоените демонстрации земале сѐ поголем замав, кон демонстрантите се приклучувале сѐ повеќе луѓе, извиците за сопирање на морничавата војна во Виетнам биле сѐ погласни. На сите оние што стравувале за животите на регрутите во Виетнам, на сите што од дното на душата ја мразеле и осудувале војната и се чувствувале немоќни и очајни, им била потребна утеха. Неопходна им била надеж дека разумот конечно ќе победи над лудоста, а мирот над војната. „Hey Jude“ ја нудела таа утеха, го имала неопходното зрнце надеж.

Песната трае 7 минути и 11 секунди и е една од најдолгите песни кога било напишани. Освен Битлси, нејзината богата музичка структура ја дополнува оркестар од 36 професионални музичари, платени двојно за на крајот наместо да свират да плескаат со дланките и да пеат. Гледано од аспект на формата, „Hey Jude“ е крајно нелогично напишана, бидејќи кодата – завршниот дел – како да е вештачки прилепена, а притоа речиси двојно подолга од песната. Замислете си, на пример, Моцарт, за првиот став од виолинскиот концерт бр.4 во Де-дур, кој трае околу 9 минути, да напишел каденца долга петнаесетина минути. Би изгледало несразмерно.

 во „Hey Jude“ овој „престап“ е маестрално изведен. Песната што почнува срамежливо, само со глас и клавир, потоа станува сѐ помоќна, во кодата го достигнува својот максимум, на крајот, со благо постепено декрешендо (фејд-аут) полека стивнува и исчезнува (со повторувачкото „на на на“, кое е отпеано точно 198 пати). А сепак како да останува да лебди. И долго „лебдела“ на американската топ-листа. На првото место се задржала цели девет недели, подолго од која било песна на „Битлси“.

Лада Шоптрајанова Петровска