Од огромни експонати и современи уметници до реинтерпретирани класици преку дизајн, ова е список на најдобрите изложби за годинава

Најдобрите изложби планирани за 2020 година се подготвени да нè одведат на турнеја низ целиот свет. Без разлика дали станува збор за Белгија или, пак, за најголемите светски метрополи како Лондон, Париз, Њујорк или Амстердам, најголемите настани за годинава обработуваат најразлични теми. Од извонредниот свет на „Алиса во земјата на чудата“, кој инспирира различни дисциплини, до поп-уметноста на Енди Ворхол и „обвитканата“ Триумфална порта во Париз. Европскиот барок добива оригинално шоу и „Прада“ раскажува една своја приказна – приказна за идната модерност – додека дизајнот и продуктивните процеси инспирирани од царството на природата заземаат централно место. Најдобрите експонати во Италија се од областа на архитектурата, фотографијата, дизајнот, сликите и, секако, инсталациите (внимавајте на Венеција и Милано). Отворајќи нова деценија на креативност и курација, ова е списокот на изложби што мора да се видат годинава.

„Алиса: Почудно и почудно“, Лондон

Изложбата „Алиса: Почудно и почудно“, курирана во музејот „Викторија и Алберт“ во Лондон е омаж на приказната за „Авантурите на Алиса во земјата на чудата“, роман напишан од Луис Керол пред повеќе од 158 години. Изложбата го следи култниот и бесконечен извор на инспирација за безброј креативци од областа на филмот, фотографијата, театарот, модата, уметноста и музиката. Изложбата раскажува за културното влијание на „Алиса“, почнувајќи од нејзиното потекло (оригиналниот ракопис ќе биде исто така изложен) и го истражува влијанието на делото врз умовите на креативците и уметниците како Салвадор Дали, Битлси, раперот Литл Симз, стилистот Том Браун и фотографката Ени Лебовиц. Изложбата ќе биде отворена од 27 јуни 2020 година, до 10 јануари 2021 година.

Енди Ворхол, Лондон

Изложбата што ќе се отвори во „Тејт модерн“ ќе понуди една необична перспектива на поп-арт иконата Енди Ворхол. Истата таа се фокусира на тоа како уметникот и неговата провокативна работа го обележиле и влијаеле на 20 век – период на голема културна, социјална и политичка трансформација. Особено внимание им се посветува на делата во врска со желбата, идентитетот и вербата како важни елементи во животот на уметникот. Јавноста ќе може да ја погледне изложбата од 12 март, до 6 септември 2020 година.

„Прада: Напред и назад“, Лондон

Оваа година, Музејот за дизајн одбра да го истакне влијанието на дизајнот врз општеството, правејќи го тоа со „провокативна“ изложба посветена на „Прада“ – една од највлијателните модни куќи во современата сфера – и нејзината континуирана еволуција.
– Преку призмата на дизајнерските визионери како Рем Кулхас и Херцог и Де Меурон, ќе ја раскажеме извонредната приказна на „Прада“! – вели кураторот Дејан Суџиќ. Изложбата ќе биде отворена во септември 2020 година.

„Растителна треска. Кон фитоцентриран дизајн“, Хорну (Белгија)

Според американскиот еколог Иан Болдвин, „треба да се обидеме да размислуваме како растенија“. Со новата свесност за вистинскиот потенцијал на вегетативниот свет, научните истражувања доведоа до нови откритија и етички/филозофски пристапи. Светот на дизајнот не заостанува, а заедно со инженерите, истражувачите и научниците, со помош на растенијата, нивните композиции, структури и својства, развиени се идеи и решенија за социјалните проблеми, како и проблемите со животната средина. Изложбата „Растителна треска“, курирана од Лора Друет од студиото „Дотс“, во просториите на „Центарот за иновација во дизајнот“ во „Гранд-Хорну“, се движи од „човечки ориентирана“ гледна точка кон „фитоцентриран“ пристап. Изложените дела ги истражуваат клучните концепти на растително слепило, екофеминизам, шумарство, биомимикрија, постколонијализам и културни пејзажи. Изложбата ќе биде отворена од 31 мај до 13 септември 2020 година.

Нери Оксман: „Материјална екологија“, Њујорк

Нери Оксман, професорка по медиумски уметности и науки на „МИТ Медиа лаб“, прва го употреби терминот „материјална екологија“ за да го објасни процесот што таа го создаде во обединувањето на науките за материјали со технологиите за дигитални фабрикации и органскиот дизајн за да произведе техники и предмети под влијание на интелигенцијата на природата во нејзините структурни и естетски аспекти. Изложбата, курирана од Паола Антонели, што ќе биде поставена во МОМА, Њујорк, е посветена на работата на архитектката и дизајнерка Нери Оксман, предлагајќи осум нејзини најзначајни дела од последните 20 години во кои се опфатени пионерски идеи помеѓу материјалите и конструктивните процеси. Истата таа е отворена на 22 февруари и ќе биде достапна за јавноста до 25 мај 2020 година.

„Караваџо – Бернини: Барокот во Рим“, Амстердам

Оваа уникатна експериментална изложба прикажува како изгледа кога барокот ќе се спои со дизајнот. Куратор на изложбата „Караваџо – Бернини: Барокот во Рим“ е Фриц Шолтен, а истата таа ќе биде поставена во Државниот музеј на Амстердам. Дизајнот на изложбата е на „Формафантазма“. Изложувајќи ги раните барокни дела од Европа, револуционерните визии на Караваџо и Бернини се прикажани заедно со оние врз кои извршиле влијание. За таа цел, Андреа Тримархи и Симон Фаресин, италијанското дизајнерско дуо со седиште во Амстердам, не се определија за типичен дизајн со темни соби и нагласени рефлектори. Наместо тоа, се одлучија „да ги истакнат или имитираат скулпторските квалитети на делата на Бернини и уникатната употреба на светлина во сликите на Караваџо“. Оваа отворена изложба на 14 февруари ќе трае до 7 јуни 2020 година.

Кристо и Жан-Клод: „Триумфалната порта, завиткана“, Париз

Дваесет и пет илјади квадратни метри рециклирана полипропиленска ткаенина во сребрено-сина боја и 7.000 метри црвен кабел. Тоа е сè што беше потребно за новото дело на уметникот Кристо, кој ја покри париската Триумфална порта, откако „обвитка“ големи споменици и во други градови како Берн, Рим и Берлин, заедно со брегот на Малиот Залив во Сиднеј, долина во карпестите планини во Колорадо, и реката Арканзас во Колорадо. „Триумфалната порта, обвиткана“ е планирано да се случи оваа есен, по изложбата „Кристо и Жан-Клод во Париз“, организирана во центарот „Помпиду“ (18 март – 15 јуни 2020 година), која ги опфаќа нивните активни години од 1958 година, кога двојката се запознала и живеела во француската престолнина, до 1964 година, кога заминале за Њујорк. Изложбата претставува сè, од мали непознати проекти замислени во ателјето до јавни инсталации во урбана скала, развиени за време на клучен период за уметничкиот израз на парот. Триумфалната порта ќе биде „Обвиткана“ од 19 септември до 4 октомври 2020 година.

Седумнаесетта меѓународна изложба за архитектура, Венеција

Оваа година е и година на 17-та меѓународна изложба за архитектура во Венеција. „Како ќе живееме заедно?“, темата идентификувана од кустосот Хашим Саркис, ќе ја разгледа улогата на истражувањето на сите прашања поврзани со дизајнот и развојот на современите општества, кои се соочуваат со итноста на животните проблеми, кои произлегуваат од разновидни и спротивставени реалности. Од меѓународните архитекти поканети да учествуваат на Биеналето во 2020 година, сметани за „срдечни собирачи и чувари на просторниот договор“, исто така, се бара да ангажираат и други професионални личности во своите проекти: уметници, конструктори, занаетчии, политичари, новинари, социолози и секојдневни граѓани. Изложбата ќе трае од 23 мај до 29 ноември 2020 година.

Хенри Картие Бресон: „Големата игра“, Венеција

Најважните дела од великанот на „фотоновинарството“ ќе бидат избрани од пет исклучителни куратори. За изложбата, која ќе биде отворена во „Палацо Граси“, фотографката Ени Лебовиц, режисерот Вим Вендерс, писателот Хавиер Серкас, конзерваторот и директор на Одделот за принтови и фотографија во Националната француска библиотека, Силви Обенас, и колекционерот Франсоа Пино имаат идентификувано 50 дела во рамките на оригиналната Мастер-колекција, серија од 385 слики од Хенри Картие Бресон, кои самиот ги направил во раните 1970-ти. Изложбата ќе биде отворена од 22 март 2020 година до 10 јануари 2021 година.