Антологиската прозна едиција „Најдобрата кинеска литература за деца“ „Македоника литера“ ја реализира како копродукциски проект со издавачката куќа „Делфин букс“ од Пекинг, Кина. Во едицијата се застапени најпознатите и најчитани современи кинески писатели за деца и за млади

Деновиве „Македоника литера“ објави уште три нови книги како дополнение на антологиската едиција „Најдобрата кинеска литература за деца“, од која првите десет книги беа објавени пред една година. Новите три книги се „Приказните на Фанг Гуози“ од Џоу Жуи, „Летото на Поер“ од Џанг Ѓие и „Животот е живот“ од Џанг Хаиди. Преведувачи се Елена Саздовска, Сибел Ајдинова и Анета Пауновска.

Антологиската прозна едиција „Најдобрата кинеска литература за деца“ „Македоника литера“ ја реализира како копродукциски проект со издавачката куќа „Делфин букс“ од Пекинг, Кина. Во едицијата се застапени најпознатите и најчитани современи кинески писатели за деца и за млади. Во овие книги се вклучени најдобрите дела на авторите, избрани од самите автори. Изборите содржат бајки, басни, раскази или новели. Како прилог, во книгите се објавени и текстови на авторите, кои го образложуваат својот избор и се осврнуваат на своето творештво.

Оригиналната едиција на кинески јазик содржи 25 книги избори од исто толку автори, а „Македоника литера“ планира сукцесивно да ја објави целата едиција на македонски јазик.

„Приказните на Фанг Гуоѕи“ на Џоу Жуи (1953) содржи 14 раскази, кои се поврзани со ист лик и претставуваат своевидна целина. Жуи е уредник на издавачката куќа „Народни ликовни уметности“ од Шангај. Осум пати е добитник на највисоките награди за книжевност за деца во Кина. Во своите дела, тој пред публиката распостила еден интересен свет исполнет со детска забава и живост и хумор.

Џанг Ѓие (родена во 1969 година) за својата книга „Летото на Поњер“ избрала 11 раскази. Добитничка е на три високи книжевни награди. Позната е по тоа што прозата што ја пишува им е посветена на девојчињата. Нејзините дела, кои се посветени на истражувањето на внатрешниот свет на девојчињата, се напишани со извонреден јазик и со богата емоција.

Џанг Хаиди (родена во 1955 година) е претседателка на Кинеската федерација на лица со посебни потреби и е позната активистка во кинески и меѓународни организации за овие лица. Кај младите Кинези таа е позната како Сестра Хаиди. Во голем дел од своите книги пишува за лицата со посебни потреби и во нив има многу автобиографски елементи. Нејзината проза е искрена, храбра и трогателна. „Животот е живот“ содржи 30 раскази.