Скулптурата во облик на далновод на авторот Никола Вудраг е висока 13 метри и е трајно поставена во Технолошкиот парк

Скулпторот Никола Вудраг, авторот на најголемиот споменик на Никола Тесла подигнат досега, пред половина година се преселил од Загреб во Вараждин и изнајмил поранешна фабрика на северот на градот, во која отворил простор што го нарекол „РезервАрт“. „РезервАрт“ претставува хрватска задруга за промоција и развој на интелектуалното и уметничкото творештво, каде што на 60.000 квадратни километри парк, како што пишува „Јутарњи лист“, се наоѓа фабрика во која Вудраг се сместил заедно со уште осум свои колеги уметници и луѓе од блиски струки.
– Желба ни е да оформиме уметничка индустрија што може да конкурира во сериозни странски галерии и институции – рекол Вудраг, кој деновиве во Вараждин, пред Технолошкиот парк, ја подигнал скулптурата на Никола Тесла висока тринаесет метри. По вселувањето во „РезервАрт“ и започнувањето на работите, им стигнала иницијатива од Град Вараждин за изработка на најголемиот споменик на Тесла во светот. Подготовките траеле повеќе од самата изработка на скулптурата, а нејзиното поставување започнало од пред еден месец. Нозете на металната скулптура се високи до шест метри, а со две дигалки од дваесетина метри биле подигнати горниот дел на торзото, раката и главата. Никола Вудраг изјавил дека скулптурата на Никола Тесла започнала како идеен проект во рамките на промислувањето на хрватскиот визуелен идентитет, во кој далноводите би се менувале со скулптури посветени на многу вистински протагонисти и на протагонисти од приказните како: Тесла, Храст, Славолук, Торпедо, Вели Јоже и др. Скулптурните форми притоа би замениле некои од далноводите на туристичката маршрута во дел од Хрватска.

Пред три години, споменикот на Тесла бил само скица, а сега е трајно поставен во Вараждин. Во меѓувреме, скулптурата била презентирана по повод изложбата „Тесла мајнд фром д фјучр“ во Загреб и во Будимпешта, како и на уште неколку самостојни изложби на уметникот, каде што биле покажани само делови од неа поради нејзината големина.
– Со мое лично воодушевување на херојот Никола што разговараше со молњите, Тесла денес стана симбол на напредокот, на развојот, духовноста, на сето добро кон кое можеме да се стремиме и таков, во технички поглед, најголем споменик на светот на тој гениј, е симбол и потсетник да нѐ потсетува кон што се стреми нашиот дух и да се свртиме кон општиот развој и секојдневната борба – рекол Никола Вудраг. Овој скулптор во раните триесетти години, меѓу другите е застапуван и од париската галерија „Кутија на уметниците“, која има свои претставништва во Њујорк и во Париз.