Ова рекордно дело на британскиот уметник Саша Џафри ќе биде продадено за да се промовира „глобалната дигитална еднаквост“

Сликата на платно, прогласена за најголема на светот, ќе биде поставена на аукција во Дубаи во декември, за да се соберат триесет милиони долари. Парите ќе одат за промовирање на „глобалната дигитална еднаквост“. Процесот на создавање на сликата на британскиот уметник Саша Џафри, со наслов „Патувањето на човештвото“, трае веќе дваесет седмици.
Кога ќе биде завршена на деветти септември, според досегашните мерења, нејзината големина ќе биде 1.800 квадратни метри – поголема дури и од два фудбалски стадиони заедно. Во овој период се одвива сликањето во внатрешниот простор на луксузниот хотел „Атлантис“ во Дубаи, каде што сликата ќе биде откриена во ноември.

Се наведува дека ќе биде поделена на шеесет помали слики (секоја поголема од 20 квадратни метри) и ќе биде продадена на гала-вечера во декември. Сета заработка ќе оди за добротворната иницијатива „Хуманоста инспирира“, која е дел од голем проект на чие чело се УНИЦЕФ, УНЕСКО и филантропската организација „Дубаи кер“, која има цел да го ублажи јазот во дигиталниот пристап помеѓу земјите во развој и индустриските земји.
Од организацијата „Хуманоста инспирира“ го опишуваат Џафри како еден од најславните светски живи уметници, кој досега собрал повеќе од шеесет милиони долари во добротворни цели низ светот преку продажба на своите уметнички дела. Џафри исто така тврди дека неговиот мозок, што и научно е проучувано, произведува „исклучително длабоки тета-фреквенции,“ објаснувајќи дека „тоа е она што се создава кога потсвеста ви е длабоко интегрирана во работата.“

Кога сликата ќе биде готова, ќе ја предаде на одборот на Гинисовата книга на светски рекорди, за да ѝ доделат статус на најголема слика на платно кога било направена. На Џафри воопшто не му е туѓо медиумското внимание, со оглед на тоа што меѓу колекционерите на неговите дела се Барак Обама и Мадона. Оваа иницијатива ја поддржуваат над сто славни личности, меѓу нив и фудбалерот Дејвид Бекам и актерката Ева Лонгорија од популарната серија „Очајни домаќинки“.