Во НУБ „Св. Климент Охридски“ под специјален режим на чување се околу триста ракописни книги и фрагменти од 13 до 19 век. Станува збор за непроценлива културно-историска вредност, скапоцени уникатни примероци што може да се користат само со специјална дозвола и со посебен надзор. Овие оригинални ракописни книги се претежно со црковна содржина, пишувани на пергамент и хартија, со специјално нерастворливо мастило

Лепливите прсти на „ослободителите“

Но не, грабежот не завршил во 19 век. И подоцна, за време на Балканските и Првата светска војна, од Македонија се однесени огромен број исклучително значајни и вредни ракописни книги. Во Софија во 1920 година, според тогашната евиденција, имало 964 книги од Македонија, а три година подоцна биле однесени уште 1.090 стари македонски ракописни книги. Во Белград, во Народната библиотека била однесена, и до денес е таму, комплетната збирка од 30 ракописни книги од Лесновскиот манастир, која наводно била земена само на чување, односно по завршување на војната требало да биде вратена во Македонија. Со истото образложение, скапоцени ракописни книги се однесени и во Бугарија и никогаш не се вратени во нашата земја. Во документите за грабежите на македонските манастири и цркви за време на Првата светска војна пишува дека во Народниот музеј во Софија на „чување биле однесени“ дури и плаштеницата на Андроник Палеолог, Златната митра на свети Климент, со бесценети камчиња и крвче, неговиот жезол, пронајден во 1911 година на Плаошник, каде што бил погребан, потоа царските двери и бронзениот полилеј. Во Белград во тоа време се однесени многу ракописни книги од манастирот „Свети Прохор Пчињски“, но и од манастирите во Лешок и Крива Паланка. Во Македонија, или од Македонија, биле регистрирани или потекнуваат над 23.000 икони од периодот меѓу десеттиот и дванаесеттиот век, заедно со помал број икони од почетокот на дваесеттиот век. Меѓу другите, одовде е грабната и иконата на Исус со метален оков, дар на охридскиот архиепископ Димитрија Хоматијан, која е однесена заедно со уште 24 икони во Софија. Иконите, всушност, требало да бидат вратени во Македонија, а за тоа бил попишан и документ, кој до неодамна се чувал во Охридскиот музеј. За оваа збирка нашата држава има доставено официјално барање за враќање, но од Бугарија не е добиен никаков одговор во врска со тоа. Списокот на тие икони е јавно публикуван и постои целосна документација за нив. Во Белград е нашата елитна литиска икона на Богородица со Исус од голем формат, датирана негде од почетокот на 14 век. Оваа и уште една икона, во 1961 година ги купил (?!) академскиот сликар Петар Бибиќ од Нови Сад, кој подоцна му ги продал на Народниот музеј во Белград. Меѓу драстичните отуѓувања на нашето културно богатство, секако, е и сензационалната кражба на 13-те икони од манастирот „Свети Наум“ кај Охрид. Иако кражбата е извршена во 1985 година, нашите служби сѐ уште немаат пронајдено никаква трага за тоа каде би можеле да се однесени овие скапоцени икони. Шпекулациите говорат дека патот на трговците со икони и друго културно благо води преку Италија. Инаку, украдените икони од Свети Наум се дело на Константин Зографски и потекнуваат од 1711 година.
Се разбира, списокот на однесено скапоцено културно богатство и артефакти од Македонија е многу поголем од она што е спомнато овде. Притоа, воопшто не ги спомнавме археолошките артефакти, пари, накит и други предмети, кои дивите копачи со години им ги продаваат на „трговците“ што се занимаваат со ваков „бизнис. Во државата, за жал, сѐ уште нема ни приближна процена што е однесено од нашите археолошки локалитети, како што нема ниту јасен став за тоа како и кога би можело да се отвори прашањето на враќање барем на дел од нашето културно наследство однесено од земјата на разни начини и по разни патишта.

Македонија сѐ уште има богатство со непроценлива вредност!

Освен скапоцени ракописни книги, оние што се останати, се разбира, дел од нашето национално богатство, секако, се и македонските артефакти со непроценлива вредност, како „Македонскиот адам“ и „Божицата мајка во блажена состојба“ од локалитетот Говрлево, потоа „Големата мајка“ од Тумба-Маџари, „Златната ритуална маска“, „Златната рака со прстенче“, „Кралскиот бронзен шлем“, скулптурата на „Изида“ и фигурата на Дедал од Охрид, како и скулптурата на Тит Флавил Орест од Хераклеја, бистата од Стоби, статуата на Филоксен од Стибера и Бронзената глава на Дионис Таурус. Во македонската „топ-листа“ на артефакти со непроценлива вредност, секако, влегуваат и теракотните икони од Виница, фигурата на тетовската Менада, „Хидријата“, или црниот скапоцен сад за вода од Демир Капија, и други.
Во оваа листа на бесценето културно богатство влегуваат и двете икони од Зрзе – „Богородица Пелагонитиса“ и „Исус“, потоа познатата филигрантска пеперутка од збирката со скапоцен накит во Музејот на Македонија, како и ексклузивната збирка на македонската бронза, но и оригиналните документи и историската граѓа што се чува во депоата на Државниот архив на Македонија. Притоа, се разбира, ракописните книги и другата наша скапоцена колекција од највредните македонски артефакти немаат цена што се мери со пари, но доколку претпоставиме дека денес би биле понудени на некоја светска аукција од ваков профил, стручњаците велат дека цената што би се постигнала е над пет милијарди евра. Секако, без иконите од Зрзе, прочуената македонска филигрантска пеперутка и теракотните икони од Виница, кои одделно би можеле да „заработат“ неколку стотина милиони евра. Но не е сѐ во парите. Парите се само најдиректна, вулгарна споредба колку може да се изгуби ако не го зачуваме богатството што го имаме. Барем она што е останато по многуте грабежи со кои се соочувала Македонија низ вековите што поминале.

Во 16 век Бугарите и Македонците се два одделни народа!

Во Слепчанскиот писмовник од 16 век, кој денес го поседува Државната библиотека во Москва, а потекнува од Слепче, Демирхисарско, а бил напишан од Висарион Дебарски, Сулејман Величествениот бара да му се обраќаат и како на цар на Македонија! Писмовникот од 1543 година содржи седумнаесет концепти за обраќање и ословувања при пишување писма до црковни и световни лица, а од Македонија, при својата посета на Слепчанскиот манастир во 1848 година, го зел и го однел во Русија, Виктор Григорович, истиот оној Григорович што, шетајќи низ Македонија, меѓу другото, ќе запише дека при „сите посетени краишта, јас немам чуено други имиња, освен имињата на Александра В/елики/ и на Марка Кралевиќа. И едниот и другиот живеат во споменот на народот… Споменот за Александар Велики е повеќе присутен кај народот…“ Во овој писмовник, султанот Сулејман Величествениот барал да го нарекуваат цар на сите земји, меѓу другото и цар македонски, бугарски, српски…! Слепчанскиот ракопис со елементи на македонски народен говор од 16 век содржи петнаесет листа, со седумнаесет концепти за обраќање и ословувања при пишување писма до црковни и световни лица. Според истражувањата на д-р Михајло Георгиевски, македонски експерт за стари книги и ракописи, писмовникот е напишан во манастирот во Слепче, Демирхисарско, од каде што при своето патување низ Македонија во средината на 19 век го зел Виктор Григорович и го однел во Русија, каде што се чува и сега, под бројот 1.743, во збирката со негово име во Државната библиотека во Москва. Писмовникот-епистолар, всушност, е своевиден прирачник за пишување писма до црковни и граѓански лица според строго утврден редослед и содржина на текстот на обраќањето и ословувањето на личноста до која се испраќа писмото. Во писмовникот, меѓу другите концепти, има и концепт за обраќање и ословување на султанот, а во тоа време, во 1543 година, кога е пишуван писмовникот, на тронот во Цариград седи Сулејман Величествениот. Еве како морала да почнува секоја молба, жалба, барање до султанот испратени до него од кој и да е крај на неговата империја: „До големиот емир, султанот Сулејман Хан Величествени, цар на царевите, господар над господарите и цар на сите земји романиски и македонски, бугарски, српски и беломорски, и црноморски, и анадолски и мисирски, и цар вселенски…“ Потоа се додавало кој го пишува писмото, тој и тој, име и презиме, поданик на „вашето големо царство“, за потоа, по текстот на барањето или молбата, да се заврши со „бог да ги умножи годините на Вашето царување, амин“.

Блаже Миневски