„Триптих за македонскиот идентитет“ – доказ за самочувството на Македонците

Интервју со Наде Проева – историчарка, специјалист по историјата на Античка Македонија

Историјата и археологијата се две историски дисциплини најпогодни за оправдување и спроведување на политичките цели, божем во одбрана на националните интереси, а всушност за национал-шовиниситчки и лични интереси. Тоа се прави така што непосакуваните факти се премолчуваат, отфрлаат како неточни или пак се прикажуваат искривено и мошне упростено – вели историчарката Наде Проева

Професоркта -историчарка Наде Проева, чиј научен интерес првенствено е насочен кон историјата на Античка Македонија, неодамна ја објави книгата „Триптих за македонскиот идентитет“, во која со аргументите на историјата, дава нова преспектива на актуелната политичко-интелектуална подвоеност, поврзана со (не)прифаќањето на новото уставно име на Македонија. Проева, преку конкретни документи од различни историски периоди, докажува дека сегашната жртва што ја направи Македонија,  со промената на името на државата за некакви геополитички интереси е резултат на долга хронологија на политичко креирање на национални митови, иако Македонците ги имаат сите историски права за таквото идентитетско самочуство.

Како историчарка и научник, како го чувствувате и проценувате современиов историски миг?

– Причината е едноставна – сите ние живееме во заедница и секој од нас на некој начин е чинител во современите процеси. Историчарите не се исклучок, и како и секој наш граѓанин, и да сакаат не може да ги игнорираат процесите што се случуваат пред нивни очи, што лично ги засегаат и чии последици ги трпат. А бидејќи се оспособени да ги изучуваат процесите од минатото (методологијата е иста, само јазикот на изворите е различен), историчарите можат најасно да ги согледаат последиците од современите процеси, што е тешко да се разберат особено кога не се завршени, како што е процесот на менување на нашето уставно име. Ова, меѓу другото е една од причините зошто многу историчари не се осмелуваат да ги толкуват незавршените процеси. Другата, и многу поважна причина, е тоа што главните чинители на современите процеси се моќни личности од политичката сфера, кои често влијаат не само на професионалниот туку и на приватниот живот на историчарот и на неговите блиски, а во недемокртските режими дури и вршат жесток притисок. И противно на личните убедувања, голем број историчари се прилагодуваат и го застапуваат мислењето на моќниците иако се свесни за штетните последици, иако знат дека нивна задача, уште повеќе должност е, на пошироката јавност да ѝ ги соопштат нивните согледувања за процесите што течат. За жал, има и такви кои не можат критички да ги согледаат процесите и штетите од нив, што некако може да им се прости. Но затоа, историчарите што заради корист ги поттикнуваат и поддржуваат штетните решенија, дури стануваат соработници и работат на нивно спроведување, не можеме ниту да ги оправдаме, а уште помалку да им простиме. Со тоа се откажуваат од самостојноста на нивната професија и ја губат не само општествената почит, туку и своето лично самопочитување. Тоа се урнисани и несреќни личности, бескорисни како за општеството така и за најблиските.

Иако сте современик и на некој начин учесник во овие процеси, сепак настаните  ги анализирате со смирен тон на научник. Како го чувствувате и доживувате  современиов историски миг? 

Смиреноста на научникот е неопходна за да може да додје до непристрасни, а со тоа и до точни сознанија особено за горливите прашања што мора да се изучуваат, како што рекол римскиот историограф Тацит „без омраза и пристрасност“. За жал тоа не е лесно и многу научници не можат да ги потиснат чувствата и да ја задржат студената логика на научникот. Затоа има мислења дека согледбите на засегнатите од темата што ја изучуваат треба да се отфрлат, зашто биле пристрасни. Но иако честопати тоа е точно, треба да се ценат аргументите на авторот, а не неговата засегнатост од прашањето. За таква пристрасност особено се обвинуваат балканските историчари и аналитичари од страна на нивните западни колеги, кои ретко им ги прифаќаат трудовите за објавување. Тоа е случај со прашањето за насилното и незаконско менување на името на нашата држава, спроведено со помош на извиканите „напредни“ евроатлански демократи кои на “демократски“ начин со закани и уцени (ќе ве биде или не; треба да одберете Северна Македонија или северна Кореја), не убедуваа, како да сме малоумни, дека безаконието и насилството се демократија !?!. И во ваква ситуација никој не треба да молчи, иако многумина повикани да зборуваат, за жал, молчат. Тоа беше еден од мотивите за пишување на оваа книга, иако темата не спаѓа во моето најтесно поле на интерес. Но како непосредно засегната од насилството извршено врз македонскиот народ чии припадник сум, додека го живеев, овој навредливи процес за нас, а пак за западните демократи срамен, решив да го искористам не само за бележење на фактографијата на современиот процес, туку и за аналитичко согледување, со надеж дека многумина, а во прв ред нашите политичари ќе сфатат колку го омаловажија и каква штета му нанесоа на македонскиот народ, а пак оние од евроатланските структури, кои од петни жили се трудат да не научат што е тоа демократија, можеби за миг ќе се засрамат и ќе ја признаат незаконитоста и нехуманоста на нивното однесување, со што се понижија и самите себе. 

Во вашата книга упатувате на бројни автори и историски извори, кои недвосмислено го покажуваат континуитетот на името Македонија од средниот век до денес. Особено внимание привлекува илустрацијата на писмото на Светиот римски цар Леополд I, од 1690 г. за заштита на македонскиот народ. Во какви  историски околности царот Леополд го напишал тоа писмо?

Ситуацијата е следна. Во 1683 г. сојузот, тнр. Света Лига, составен од Хабзбурското царство, Полско-литванскиот комонвелт, Млетачката република (Венеција) и Русија, започнал голема војна против Османлиската империја, наречена Голема турска војна што траела до 1699 г. Во 1689 г. во контраофанзива против османлиската војска командантот Силвио Пиколомини тргнал да ги освојува Босна, Косово и Македонија. Таа година во севериостичниот дел на Македонија, избувнало Карпошовото востание, за жал задушено истата година, а градот Скопје бил запален заради запирање на чумата. Тогаш голем број Македонци заедно со Србите од Косово и Метохија предводени од патријархот Арсениј Чарновиќ, се иселуваат на север од Сава и Дунав, а во запустените  делови од Косово,  Метохија и северозападна Македонија се доселува албанско население од планинските делови на Малесија. Претодната пак, 1688 г., францускиот крал Луј XIV завојувал против европската коалиција предводена од Светиот римски цар Леополд I, кој немал доволно војска за да војува на два фронта и во 1690 г. бил принуден да ги повлече војските од Балканот за да војуваат во Холандија и на Рајна, против Франција. Тогаш со проглас, тнр. Инвитаторија, од 6-ти април 1690 г., ги повикал балканските народи, (од Албанија, Сервија, Мизија, Бугарија, Силистра, Илирија, Македонија и Рашка), да се борат против Османлиите, додека тој војува во западна Европа. Во тие околности, Леополд I го ставил „македонскиот народ’’ под заштита на царската круна и тоа на  барање од  двајца жители од Македонија, едниот од Солун, другиот од Кожани, кои биле од „македонски род“, како што буквално пишува во неговото писмо, од 26-ти април 1690 г. Од ова писмо се гледа дека не може да има никаво двоумење за тоа дека станува збор за етнички Македонци, а не за некакви неопределени, „географски„ жители од некаква географска територија викана Македонија, како што некои го минимизираат овој податок. 

Веројатно многу вакви и слични документи се украдени, изгубени или се кријат. Каква е објективноста на современите историчари кон ваквите документи?

Иако во балканските војни и во Првата Св. војна имало доброволни одреди од македонски емигранти, кои верувале во ослободување на Македонија од османлиската власт, историчарите, во прв ред оние од соседните земји до неодамна го премолчуваа учеството на Македонците во овие војни, тврдејќи дека во тоа време македонските војници не биле национално освестени. За жал, ваквото толкување е прифатено од западноевропските политичари кои со тоа ја опрвдуваат тогашната политика водена од нивните држави, што сеуште ја спроведуваат кон нас. Македонските социјалисти предводени од Јане Сандански, кои се бореле за создавање балканска федерација, а во ослободената територија, од Мелник до Сер, дури и воспоставиле народна власт, биле под команда на 7-та рилска дивизија. 

Ги анализирате и современите национални (политички) митови. Колку таквите митови влијаат врз работата на научниците, во прв ред на историчарите?

Се разбира дека има влијание на националните митови врз работата на научниците, поточно вијание од научниците, зашто современите митовите се свесно  направени од учените луѓе, во прв археолозите и историчарите кои се најоспособени за тоа и кои често се ставаат во служба на политиката. Имено историјата и археологијата се две историски дисциплини најпогодни за оправдување и спроведување на политичките цели, божем во одбрана на националните интереси, а всушност за национал-шовиниситчки и лични интереси. Тоа се прави така што непосакуваните факти се премолчуваат, отфрлаат како неточни или пак се прикажуваат искривено и мошне упростено. Со тоа се добива посакуваната слика и се прави идеологизација и политизација на науката, и се тврди дека овие митови се засновани на научни факти. Такви митови има кај сите народи, а еден од најпогубните е митот за предодреденоста на Германците во ширење на културата направен од германските национал-социјалисти кои ја злоупотребија теоријата на нивниот лингвист – археолог Густав Косина кој ја изедначи материјалната  култура со современиот народ што живее на таа територија и за Германците како најстар индоевропски народ, мит што доведе до страотиите на Втората светска војна. Притоа треба да се прави разлика меѓу современите национални митови и тнр. историски митови создадени спонтано, за зачувување на заедницата (митот за Евреите како одбран народ), за одбрана од асимилација, или за ослободување од туѓа власт (во македонските песни се пее за јунаштвото на Александар Македонски и се повукува македонскиот народ на борба против Турците). Ваквите историски митови на некој начин имале улога на државни институции, и допринеле народите да опстојат без своја држава, зашто државите придонесуваат за јакнење и зачувување на националниот идентитет, та затоа овие митови имаат вредност на историски документ. Но во времето на раѓање на нациите, историските митови се злопупотребувале за докажување на нивната старост (ние сме најстари). Притоа се премолчува современата фактичка состојба и со пресликување на минатото во сегашноста, политичките аспирации се оправдуваат со историски “аргументи“ за да се “докаже“ божемното историско право на територијата (ние сме староседелци), што не е иста како во минатото, и што води кон иредентизам од народите во присвоените територии. Таков е случајот со грчките политички идеолози кои териториите каде што во античко време јазик на комуникација беше старогрчкиот јазик ги изедначија со божемна грчка етничка терторија, со што ги оправдуваат територијалните претензии кон малоазиски дел во Турција и докажување на правото врз егејскиот дел од Македонија, добиен по Балканските војни. Затоа националните митови што се оживуваат или прават денес – во ера на општа писменост и глобализација, кога нема никаква потреба од нив, всушност се лажни и штетни митови. Таков е случајот со националните митови на Балканот, што повторно оживеаја особено по распаѓањето на Југославија, кога се создадоа и нови митови. Така, за да се “оправда“ поделбата на македонскиот народ по Балканските војни, античките Македонци од варвари и најголеми непријатели на античките Грци – Хелените, за денешните Грци преку ноќ станаа Хелени, а кај Албанците – Илири, итн. За жал европските демократи не само што не ги осудија туку и премолчено ги поддржаа овие национални митови на сметка на Македонија што доведе до создавање на современ македонски мит, што во дадената ситуација сосема е разбирливо, иако не може да се оправда. Со тоа Македонија не само што ги изгуби симпатиите на слободоумниот свет туку тоа беше искористено како аргумент за божемното доцно созревање на македонската нација.