Денеска, 5 јули, во 11 часот во сараевскиот „Дом на млади“ беше одржана прес-конференција за медиумите на која беше најавен музичко-сценскиот спектакл „Кармина Бурана“ од Карл Орф, гостување на Националната опера и балет, која ќе се одржи на 18 октомври во „Мирза Делибашиќ“ во Скендерија.

На прес-конференцијата присуствуваа организаторите на Фондацијата за култура и образование „Амадеус“, маестро Емир Нухановиќ и директорот на Националната опера и балет од Скопје, Васо Ристов. Најавено беше музичко-сценски спектакл со „Кармина Бурана“ на Карл Орф во кој ќе настапат повеќе од 200 уметници, оркестар, балет, оперски и балетски солисти од Република Северна Македонија, БиХ, Турција, Португалија, Русија и Србија. За реализација на овој проект учествува врвна уметничка екипа како што се Миодраг Табачки од Србија, Кан Арслан и Гизем Бетил од Турција, Елена Дончева и Дејан Прошев од Република Северна Македонија.

Покрај гостите ќе настапат и уметници од БиХ, детски хор под диригентската палка на маестро Емир Нухановиќ.