Отсекогаш сум се обидувал да ги ублажам овие мотиви, така што тие ќе бидат во форма на лирика, затоа што мислев дека мачеништвото и трагедијата во создавањето се тешки и малку прифатливи. Затоа уметничките критичари, мотивирани од моите дела, и ме нарекоа имагинативен лиричар што не се заборава, вели Џељош Џокај за своето творештво

Изложба на црногорскиот уметник Џељош Џокај ќе биде отворена вечерва, во 20 часот, во „Мала станица“, при Националната галерија на Македонија, во соработка со Музејот и галерија од Подгорица, Црна Гора. На отворањето на изложбата ќе се обратат амбасадорката на Црна Гора, Марија Петровиќ, Лилјана Колунџиќ, помошник-директорка на Музејот и галерија од Подгорица и директорката на Националната галерија на Македонија, Дита Старова Ќерими. Тие и официјално ќе го промовираат започнувањето на соработката со Музејот и галерија од Подгорица, со очекување за плодна размена на искуства, знаења и реципроцитет во преземање изложби, со што македонската јавност ќе може од поблиску да се запознае со црногорската современа уметност и обратно, Македонија ќе има можност да биде претставена со автентични ликовни уметнички презентации во срцето на Црна Гора.

– Џељош Џокај е црногорски уметник со албанско потекло, кој ѝ припаѓа на генерацијата на уметници на Владимир Величковиќ и Душан Џамоња, генерација што не сака да заборави и да се раздели од претходната, од надреалистичката, т.е. онаа на Ступица и од апстрактната на Лубарда. Блиска му е естетиката на руралниот социјален реализам, а потоа и онаа на градскиот метафизичар Хегедушиќ, со одредена проекција на одредени типично национални карактеристики, во рамките на естетското искуство на Европа – се вели во текстот од каталогот.

Критиката го дефинира како остроумен лирик, опседнат во своите дела со насилството на минатото и сегашноста, водејќи ги своите ранети и скршени ликови по пепеливата медитеранска земја, со силни оловни бои, за да ја поднесат сопствената жртва за човештвото. Го нарекуваат уште и сликар на технолошката сегашност, која веќе ја чувствуваме како дел од минатото, по која се движи робот, среќен како безгрижно дете, а од чии очи и раце растат корени и од чии артерии капе крв. Сликар е на поранешните и идните преселби. Тој црта, бои и формира една скаменета, метализирана слика, чие време се простира во бесконечноста, слично на најмачните сништа.

– Портретите се еден од главните мотиви во мојот опус. Како момче, доживеав војна, така што секогаш носев мачени глави во сеќавање. Од приказните на постарите луѓе, се сетив дека тие зборуваа за сечење глави и набивање на кол, така што тој мотив остана незаборавен за мене. Отсекогаш сум се обидувал да ги ублажам овие мотиви, така што тие ќе бидат во форма на лирика, затоа што мислев дека мачеништвото и трагедијата во создавањето се тешки и малку прифатливи. Затоа уметничките критичари, мотивирани од моите дела, и ме нарекоа имагинативен лиричар што не се заборава – вели Џељош Џокај за своето творештво.

Селма Џечевиќ, кураторка од Музејот од Подгорица, која го истражувала опусот на Џокај, вели дека црногорската уметничка сцена, која наследува долга традиција, е признаена по својата уметничка поетика, кој изгледа многу разновидно и сложено.
– Ако ги погледнеме нашите минати уметнички практики, ќе забележиме генерации уметници што негуваат посебен и оригинален израз, без оглед дали се заснова на традиција или се спротивставуваат на тоа. Едноставно зборува за неисцрпната моќ на нашата уметничка сцена, која се манифестира во мноштво креативни изрази честопати признаени и надвор од границите на нашата земја. Еден од уметниците чиј творечки живот остави свој белег на неодамнешните уметнички случувања низ цела Италија и Германија е сликарот од Миљеш крај Подгорица, Џељош Џокај. Обемниот уметнички опус, кој вклучува сликарство во боја и ѕидно сликарство, графики и цртежи, сведочи за реткиот креативен потенцијал на уметникот. Сепак, медиумот преку кој уметничкиот и технолошкиот процес на Џокај најубедливо го транспонира неговиот уметнички свет се однесува на графиките што го направија еден од најистакнатите уметници на Југославија кога станува збор за оваа техника – вели Џечевиќ.
Оваа изложба е последна од програмските проекти за 2019 година, со што се заокружува една исклучително плодна и успешна календарска година.