Во Музејот на македонската борба беше отворен меѓународниот научен симпозиум „Денови на Јустинијан Први“, кој се одржува веќе осма година, во организација на Институтот за национална историја на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Универзитетот во Болоња, во партнерство со православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“.
На отворањето, присутните ги поздрави и министерката за култура Ирена Стефоска, која истакна дека овој форум има бесценета задача – преку размена на академски аргументи да го покаже најдоброто од минатото и како поглед да ѝ го пренесе на иднината. Потврда за ова е фактот што годинава со свои реферати ќе настапат педесетина еминентни професори и научници од 17 земји.
На симпозиумот свое пленарно предавање одржа проф. Антонио Риго од универзитетот „Ка Фоскари“ од Венеција, кој истовремено е претседател на Италијанскиот византолошки комитет, кој ќе биде домаќин на Светскиот византолошки конгрес во 2022 година, во Венеција и во Падова. На симпозиумот, со свои реферати (меѓу кои и некои онлајн) настапија педесетина еминентни професори и научници од САД, Велика Британија, Австралија, Италија, Русија, Полска, Чешка, Финска, Романија, Холандија, Австрија, Унгарија, Србија, Хрватска, Албанија и Грција.
Манифестацијата претставува годишен научен форум за презентација на најновите истражувања за различни аспекти на византолошките и средновековните студии, што ги вклучува третманот и интерпретацијата на културното, историското и духовното наследство во современа Европа.