Една од нашите најпознати виолинистки од поновиот бран, Наташа Диденко, вечерва ќе настапи во Софија, со изведба на сонати за соло-виолина без клавирска придружба. Концертот ќе се одржи во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Бугарија, со почеток во 19 часот.

– Вечерва во Софија првпат ќе одржам солистички концерт и ќе се претставам со композиции на германскиот композитор од доцниот барок, Георг Телеман. Тој се смета за еден од најплодните композитори во историјата и секако еден од водечките германски композитори, во повеќе наврати споредуван со неговиот пријател и колега Јохан Себастијан Бах – вели виолинистката.

Настапот во Софија ќе го дополни списокот на музички центри каде што претходно таа настапувала: Берлин, Бремен, Париз,Марсеј, заедно со повеќето настапи во Македонија.

Наташа Диденко работи како професорка во ДБМУ „Илија Николоски-Луј“ во Скопје.