Ракописот со наслов „Насон прочитана книга“ од авторката Соња Манџук е победник на првото издание на книжевната награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман на годината, која ја доделува издавачката куќа „Арс ламина“ во соработка со фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, со поддршка на Министерството за култура. На конкурсот пристигнале 77 ракописи, а за победникот одлучуваше стручната жири-комисија, која ја чинат: Димитар Башевски (писател, издавач), Иван Шопов (писател) и Бисера Бендевска (уредничка во „Арс ламина“).

– Напишан во манирот на постмодернистичките книжевни практики, „Насон прочитана книга“ претставува онирична авантура чиешто поаѓалиште е една библиотека, како онаа добропознатата на Борхес, инаку во неговиот „поимник“ дефинирана како вселена. Структурно, романот е конципиран како книга во книга. Нараторот, инаку љубопитен за тајната на сонот како феномен, сонува дека се наоѓа во некоја библиотека и дека посегнува по книга со наслов „Деца на Луната“, од некој анонимен адепт од 19 век. Она што го насетуваме како смисла во приказната на анонимниот автор е дека човековиот дух има способности времето и просторот да ги збере во една точка, да прими информации од кои било време и простор, да доживее севременост, да искуси безвременост. Авторката Соња Манџук во овој роман, преку заокружена приказна, внимателно осмислена структура и со раскошен стил, го поттикнува интересот за овие прашања на суптилен начин – стои меѓу другото во образложението за наградата.

Соња Манџук (1966) е автор на книгите „Воопшто без“, „Земјовање“, „Деан Кингер: сместен во смешна куќа“ и „Стилски вежби“. Добитничка е и на првата награда за расказот „Затвори го добро фрижидерот“, на конкурсот на „Студентски збор“, во 1992 година.

– Одзивот на првиот конкурс за наградата „Пегаз“ ги надмина нашите очекувања. Седумдесет и седум ракописи, колку што пристигнаа до крајниот рок во мај, е факт што не смее да се занемари и што ни влева надеж дека македонската книжевност сè повеќе ќе се наметнува во регионалните, па и во светските книжевни рамки – речe меѓу другото Бисера Бендевска.
Победничкиот роман „Насон прочитана книга“ ќе биде промовиран на посебна свеченост до крајот на годината.