Фото: Маја Јаневска-Илиева

Никола Радуловиќ, Уметник

Уметникот Никола Радуловиќ се претставува со самостојната изложба „Система“ во Музејот на современата уметност во Скопје, а неговиот краток филм „Мики енд Мистер Пинат“ е дел од официјалната селекција на фестивалот „Пиктоплазма“ во Берлин

Во Музејот на современата уметност (МСУ) е во тек вашата изложба „Система“, која произлезе од наградата што ви ја додели овој музеј за најуспешен автор и дело на одржаното 12-то Биенале на млади уметници во 2018 година. Тогаш го прикажавте првиот дел од анимираната, научнофантастична книга „Бук оф Склавин“ („Book of Sclavin“), а сега и вториот дел, како и играта сложувалка „Генеза“, вклучувајќи ја публиката во прикажувањето со нејзините мобилни телефони, но и преку интерактивни објекти. Како би го опишале светот што го создадовте во оваа впечатлива трилогија?

– Првата книга „Бук оф Склавин“ е инспирирана од социјалистичкиот период на балканските држави, Југославија и Бугарија, и дејството се одвива во една таква измислена држава наречена Склавинија во 1981 година. Инсигнијата е инспирирана од руската авангарда, а стилот на илустрациите/анимациите има влијание од уметноста на социјализмот на Балканот. Општеството во Склавинија е поделено меѓу владејачката социјалистичка структура и едно подземно окултно движење со пагански корени. Во заплетот на приказната се поjaвува еден мистериозен објект со форма на капсула, кој им го привлекува вниманието на двете страни. Иако објектот останува мистерија за читателот, двете страни имаат свои проекции и теории за неговата употреба.
Дејството во втората книга, „Система“, продолжува во далечна иднина. Човештвото е изменето од технолошки, геолошки и биолошки аспект. Ние сме распространети низ нашиот Сончев Систем, присуствуваат различни интелигентни раси генетски инженирани од луѓето и повеќето луѓе живеат како холограмски тела со активно магнетно поле за интеракција со реалниот свет. Капсулата и тука зазема централно место во приказната, во која преку „Система“, проект за вештачка интелигенција во форма на поле од сива материја распространета на Титан, се дознава нејзината вистинска функција и однос со човекот.
Третиот проект „Генеза“ е игра сложувалка, која ги претставува епохите низ кои поминува човекот со помош на капсулата и го оформува бескрајно повторувачкиот круг на неговата еволуција.

Кои се вашите досегашни искуства со креирањето и користењето анимирани и наедно илустрирани книги, но и со нивните печатени изданија каде што илустрациите за час оживуваат со помош на мобилните телефони?
– Серијата „Бук оф Склавин“ ја реализиравме во печатено издание со помош на Музејот на современата уметност во Скопје. Анимираните илустрации се активираат со помош на современите мобилни телефони и таблети преку камера и технологија наречена „изменета реалност“ (аgumented reality). Не сум сигурен за точниот термин приспособен во македонскиот јазик, но накратко тоа е технологија преку која печатени слики можат да станат подвижни преку вашите уреди.

Што мислите дека најмногу ги привлекува (но и ги збунува) консументите на вашите дела?
– Па најверојатно најмногу ги збунува претставувањето на книгите во галериски простор. Оваа серија е замислена да се чита на таблет (поради анимираните илустрации) и е во жанр и на ниво на евтините научнофантастични кратки романи или на кратките вестерн-изданија. Народна литература. Со претставувањето на овој проект во галериски простор, заедно со интерактивните контролори, во прв план исплива технолошкиот аспект, кој за мене би требало да е во заден план, да ѝ користи на содржината, а не да ја засенува. Но сепак, ако учеството на биеналето и самостојната изложба побудат интерес кон содржината и уживањето на овој формат книги, за мене е од полза.

Со „Система“ привлековте многубројна публика во МСУ на разговор со вас и со кураторката на изложбата Бојана Јанева-Шемова, дури и во сабота во 13 часот, што говори за вашиот присутен печат на уметничката сцена, која сепак со години не ја врзувате само за Македонија. Од Куманово сте, во Скопје дипломиравте на Факултетот за ликовни уметности, а продолживте да се образовате и да работите во Софија. Зошто токму таму и на што поточно работите?
– Во Софија завршив магистратура по илустрација. Таа насока во тоа време ја немаше на нашиот факултет, тоа е причината. Тогаш работев како слободен илустратор на детски книги и сакав преку образованието да навлезам повеќе во занаетот. За време на студирањето се заинтересирав и за анимацијата, а по завршувањето на студиите почнав да работам во студиото за анимација „Робо“ во Софија. Таму работам како концепт уметник и дизајнер на карактери и претежно работиме на 2Д и 3Д анимирани реклами. Наоѓам големо задоволство во тимската работа и краткорочните проекти што ги нуди оваа индустрија.

Со едно од вашите дела: анимации, видеа, илустрации, учествувавте и на фестивалот „Пиктоплазма“ 2019 во Берлин. За кое дело станува збор и до каде успеавте да стигнете, значајна ли беше конкуренцијата?
– „Пиктоплазма“ е фестивал/конференција што ја следам со години и сум присуствувал двапати како дел од публиката. Годинава испратив свој краток филм – „Мики енд Мистер Пинат“, и на мое пријатно изненадување влезе во официјалната селекција. Овој фестивал нема натпреварувачки карактер, но има особен карактер и свои стандарди, кои се од големо значење во сферата на дизајнот на карактери и на анимираниот филм. Учеството на фестивалот беше возбудливо и од причина дека тоа беше моето прво претставување во сала со големо платно и публика.