Борис Шемов, „Диносаурусот и лилјаците“, инсталација

Во рамките на манифестацијата „Кавадаречка културна есен“, вечерва, во 19 часот, во галеријата на Домот на културата „Иван Мазов Климе“, ќе биде отворена изложбата насловена „Протрузија“ (Избивање) на уметниците Гоце Наневски, Игор Сековски и Борис Шемов, кои живеат и работат во Скопје.

Станува збор за автори, кои се активни на локалната и на меѓународната сцена од средината на 1990-тите години. Тие често изложувале заедно во рамките на голем број групни претставувања, во досегашното свое творештво разработувале различни прашања и користеле различни медиуми. Но во оваа пригода, првпат се претставуваат заедно како иницијатори на проект во кој, освен изложување на индивидуалниот труд, насочувајќи го фокусот кон отворениот процес на работа низ размена, отвораат нов простор за преиспитување на сопствената работа и увид во можните точки на вкрстување, преку нови дела што премиерно ќе бидат претставени вечерва.

Игор Сековски „Објект“

– Останува да се види на кој начин овој заеднички проект е истовремено и надоврзување на досегашните истражувања, но и обид за порадикално свртување. Тоа што може да се посочи како заедничко во делата на тројцата автори во рамките на оваа изложба е обидот да се долови чувството на тегобност што произлегува од статус квото, состојба на привидно движење и промена, кои нѐ упатуваат на некоја цел. Истовремено зборува и за потрагата и исчекувањето да се случи некоја неодредена, но сонувана трансформација, како солидна метафора за чувството што го обележува времето во кое живееме – вели кураторот на изложбата Владимир Јанчевски.

Тој во врска со изложбата, која ја именува и „Обиди за избивање“, ќе напише дека „денес е сѐ поизвесно дека развојот на општествената сфера и динамиката на релациите речиси и да не зависат од елитните форми на уметност, академската сфера и научните сознанија ниту од традиционалните чувари на знаењето“.

– Таа неспоредливо многу повеќе зависи од динамиката на популарната култура, од индустриите за забава, од политичката и корпоративната пропаганда. Затоа, неизбежно е да го поставиме прашањето дали и во каква форма уметноста би можела да избие напред и да се избори за ефективна одбрана на она што го вообличува, артикулира, застапува, соопштува. Или можеби уметникот и самиот е една аномалија, девијација во вака дефинираниот и несопирлив хипернормирачки тек. Сепак, токму каде што се појавува тој јаз, се отвора простор и за истакнување на критичката и еманципаторска димензија на уметноста, а улогата на уметникот како потентна во смисла на остварување на специфични форми на граѓански општествен придонес – посочува Јанчевски.

Гоце Наневски, „Во име на продолжената смрт – од светецот со љубов“, објект