Националната опера и балет ќе одржи серијал концерти со наслов „Мајски концерти“. Настаните ќе бидат емитувани онлајн на официјалниот јутјуб-канал на Националната опера и балет, дел од нив и на ТВ 24, како и со надеж некои од настаните да се одржат со присуство на публика, во согласност со препораките на Комисијата за заразни болести.
– Месецот мај за Националната опера и балет е од особено значење, месец во кој се одржува меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. За жал, и оваа година поради пандемијата не сме во можност да го одржиме фестивалот, меѓутоа во чест на „Мајските оперски вечери“ и негово одбележување подготвуваме серија концерти – велат од НОБ.
Прв во серијалот од „Мајските концерти“, Националната опера и балет го најавува гала-оперскиот концерт „Волшебниот Моцарт“, кој ќе биде емитуван в недела со почеток во 20 часот, на официјалниот јутјуб-канал. Концертот е по повод 230 години од смртта на музичкиот великан Волфганг Амадеус Моцарт, еден од најгенијалните композитори во историјата на класичната музиката.

Неговиот опус е грандиозен и безвремен, со огромно влијание врз музичкото творештво на многумина знаменити композитори по него во минатото и денес. На гала-оперскиот концерт ќе бидат изведени арии од делата „Дон Џовани“, „Волшебната флејта“ и „Свадбата на Фигаро“ и „Грабнување од сарајот“.
Диригенти се Бисера Чадловска и Иван Еминовиќ. Настапуваат солистите: Наде Талевска Спасовска – сопран и Владимир Саздовски – бас во придружба на оркестарот на Националната опера и балет. Режисер е Трајко Јордановски, а концерт-мајстор Климент Тодороски.
Следни настани се два оперски рецитала на 17 и 20 мај, на 23. хорски концерт, на 27. „Романтична балетска вечер“, на 28. премиера на „Игри на животот“ и на 31. „Аида“ на платото „Мајка Тереза“ пред Националната опера и балет.