Кинотеката на Македонија во ретроспективата, минатата 2020-та ја нарече „година што ја изедоа скакулците“ (Борислав Пекиќ).
– И покрај првичниот шок од пандемијата и замирањето на активностите во доменот на јавната дејност кон средината на март, Кинотеката во согласност со сите здравствени протоколи за безбедност на гледачите на почетокот на летото почна со летното кино, а во текот на есента продолжи со прикажување во киносалата со редуциран број посетители. Во 2019 година забележавме рекорден број гледачи, нешто над 20.000, а во 2020 година таа бројка, и покрај сите предизвици, достигна 10.000 – велат оттаму.
Почетокот на летната кинопрограма во дворот на Кинотеката, на 10 јуни, беше одбележан со четиридневен настан и селекција на четири современи европски филмови. Филмската програма во летното кино „Мирно лето“, во периодот на јули, август и септември забележа околу 5.000 посетители. Од 8 октомври програмата на Кинотеката се врати во киносалата, секако со почитување на сите здравствени протоколи. Летното кино го доби името „Мирно лето“ – според култната комедија на Димитрие Османли од 1961 година – и филмските проекции и други настани под отворено небо се покажаа како одличен потег за зачувување на духот во услови на пандемија. За да се одржи квалитетот на проекциите, беше изградена кабина за филмски проектор и поставено филмско платно според сите професионални стандарди. Во холот, пред влезот во киносалата, беше изграден нов шанк-пулт, каде што освен освежителни пијалаци, може да се набават и изданијата и публикациите на Кинотеката.