„Македоника литера“ го објави романот „Теорија на чудноста“ на чешката писателка Павла Хоракова. Преводот е на Даниела Роус Мишевска и Донка Роус, а романот е награден со највисоката книжевна награда во Чешка, „магнезија литера“, за најдобра проза во 2019 година.
Романот претставува брилијантно прикажана потрага по длабокото значење на животот. Опишани се неколку месеци од животот на Ада Сабова, нестереотипна, млада, урбана интелектуалка, која се обидува да ги балансира приватниот живот и кариерата… Книгата се чита и како љубовна приказна со загатка, но истовремено и како расудување за смислата на суштествувањето, карактерот на времето, историјата на Централна Европа.
Романот „Теоријата на чудноста“ е оценет како дело на голем литературен талент, во комбинација со брилијантен интелект и со т.н. женска мистика. Магазинот „Ехо“ го нарече најпаметното дело на чешката проза на деценијата.
Павла Хоракова (1974) е чешка писателка, литературна преведувачка и радиска новинарка. Нејзини објавени прозни дела се: детективска трилогија за млади (2010, 2011, 2012), новелата „Јохана“ (коавторка со Алена Шеиностова и Зузана Досталова, 2018), а во 2018 година го објави својот прв роман за возрасни „Теорија на чудноста“. Таа има преведено над 20 книги од англиски и од српски јазик и е добитничка на две награди за превод.