Книжевната критичарка, есеистка и професорка на УГД, Ана Витанова Рингачева и писателот, поет, сценарист, Стефан Марковски, се годинашните добитници на интернационалната награда за новинари книжевници „Горан Бујиќ“ на Хрватското книжевно друштво. Тие ги уредуваат списанијата за литература „Зенит“ и „Современост“.

Наградата е востановена по иницијатива од книжевната критичарка и професорка Жаклина Кутија заедно со претседателот на Хрватското книжевно друштво – задарски разгранок, Никола Шимиќ-Тонин.

Горан Бујиќ беше поет, критичар, есеист и новинар. Дипломирал компаративна книжевност и филозофија на Филозофскиот факултет во Загреб, каде што подоцна и магистрирал.

Од првиот ден е соработник во весникот „Задарски лист“, каде што е уредник на културната рубрика и на прилогот „Донат“. Неговите критики се објавувани во сите значајни хрватски списанија и весници. Починал во 2011 година.