На меѓународниот конкурс во рамките на Ваљевскиот стрип-фестивал, кој од 20 до 21 декември се одржа третпат во Ваљево, Србија, и годинава не изостанаа награди за македонските стрипери. Жирито предводено од Зоран Стефановиќ, управител на Центарот за уметност на стрипот – Белград и Дејан Богојевиќ, уметнички директор на фестивалот, за најдобри во категоријата „Раскажување“ ги прогласи сценаристот Александар Стеванов од Штип и илустраторот Дарко Богданов од Виница. Наградата за стрипот „Си беше еднаш еден човек“ во нивно отсуство ја прими Томе Трајков, координатор на Стрип-центарот на Македонија.

– Кога нечие ликовно-текстуално раскажување е оценето од стручни имиња во областа, кои, секако, се многу поголеми од нашите, задоволството е на највисокото ниво, затоа што тоа е првенствената причина поради која и се занимаваме со овој медиум. Уште повеќе што сценаријата на Александар се универзуми сами по себе, кои уживам да ги цртам, и по секој наш заеднички стрип и двајцата сме уште посозреани како луѓе и како автори од тоа какви сме биле претходно – изјави стрип-авторот Богданов.

Од пристигнатите дела на 103 автори од единаесет земји (Босна и Херцеговина, Бугарија, Канада, Литванија, Македонија, Романија, Русија, Србија, Унгарија, Уругвај и Црна Гора), меѓу наградените е и ветеранот на македонската стрип-сцена Златко Крстевски од Прилеп. За стрипот без наслов, тој беше прогласен за најдобар во категоријата „Општествен ангажман“.

Гранприто на ова трето издание на Ваљевскиот стрип-фестивал му беше врачено на Марко Стојановиќ и Сабахудин Мурановиќ-Муран, по чие дело „Јефтино и скупо“ годинава е именувана меѓународната изложба на која се поставени најдобрите пристигнати стрипови. За првонаграден беше прогласен авторот Давид Вартабедијан за стрипот „Пасје време“, второнаградени се Сенка Милутиновиќ и Марко Шерер за „Лудаков коњ“, а според одлуката на жирито со третото место се закити Филип Станковиќ за стрипот „Ibrahim Coyle: Матори случај“.

Една од трите главни изложби во рамките на годинашниот Ваљевски стрип-фестивал е резервирана за македонскиот стрип. На неа, во Центарот за култура во Ваљево, со свои стрипови учествуваат седумнаесет македонски стрипери од различни генерации. Меѓу изложените дела има и на авторите: Тоде Блажевски, Мирко Бојаџијевски, Јана Бутеска, Ана Марија Стефаноска, Ване Трајков, Љупчо Филипов и Катерина Николовска-Тери, која минатата година на оваа меѓународна манифестација го освои високото второ место.