Продукциската куќа „Сестри и брат Митевски“ информира дека штотуку завршениот филмски фестивал „Фајв ликс филм фестивал“ во Минхен, Германија, наградата за режија ѝ ја додели на македонската режисерка Теона Стругар Митевска, за филмот „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“.

Македонскиот филм беше во конкуренција со уште десет филма од Централна Европа. Жирито е составено од филмски професионалци, филмски новинари, како и публика и институции, кои едногласно одлучија наградата за режија да ѝ припадне на нашата режисерка. Наградата е парична, во износ од 5.000 евра, кои се доделуваат од страна на локалната самоуправа.

Германската дистрибуција на „Петрунија“ започнува во ноември.