Првото издание на фестивалот „Театарски европски алтернативи“, кое заврши со претставување на 70 уметници од 11 држави, ги додели наградите за најдобрите остварувања. Нашата публика со онлајн гласање во програмата „Нов бран“ му ја додели наградата на Дарко Лешоски за песната „Марлон Брандо“, посветена на Арбен Бајрактарај. Наградата за најдобра студентска претстава му е доделена на Одделот за уметност на Универзитетот од Романија за претставата „Галеб“.
Жирито во состав: Лилиа Абаџиева (режисер), Сашо Димоски (драматург и автор), Бењамин Барамович (актер) едногласно одлучи за наградите. За најдобар актер е прогласен Пјер Муние за претставата „Искршено на делови“ на театарот „Ла Бел Мениер“ од Франција. За најдобар режисер наградата ја доби Драган Живадинов за претставата „Одило. помрачување. ораторија“, во продукција на Словенечкиот младински театар и киното „Шишка“, а оваа претстава е прогласена и за најдобра на фестивалот.
– Компактноста на претставата, супериорно изразена во единството остварено меѓу режисерската постапка, драматургијата, актерската игра (со нагласок на хорските партитури во претставата) и аудиовизуелната семантика, е изградена во асоцијативен, длабоко промислен и хомоген сценски систем, чија цел е одново да го издигне злото за повторно (и повторно и повторно!) да го поништи, да го оневозможи неговиот подем во нашиот простор-време, во нашиот облик – нагласи жирито.