Поетесата Александра Димитрова за поетскиот ракопис „Дупка“ е годинешниот добитник на наградата „Антево перо“.

За наградата расправеше тричленото жири-комисијата во состав Венко Андоновски (претседател), Атина Цветаноска и Жорж Поповски (член).

– Наградената стихозбирка „Дупка“ од Александра Димитрова покажува веќе зрел, софистициран поет, еден хиперсензибилен поетски сеизмограф кој ги бележи и најситните треперења на харфата на човековта душа. Тие емотивни треперења на струните на таа скапоцена поетска харфа, во сите тоналитети, од најмрачните (смртта) до најсветлите (љубовта), поетесата ги нотира во високософистициран поетски идиом, кому интелектуализацијата му е главен виолински клуч. Интелектуално задлабочена како кај Ханс Магнус Енценсбергер, емотивно растреперена како кај Сергеј Есенин, свртена кон апсурдот на животот како кај Албер Ками, еротизирана на места како кај Анаис Нин, а меланхолична, архи-носталгична и криптографски поставена како кај Анте Поповски, оваа поезија, во овој миг претставува навистина нова вертикала на македонското поетско писмо – стои во образложанието на жири-комисијата.

Годинава, покрај наградата „Антево перо“, која подразбира печатење на наградениот поетски ракопис, оценувачката комисија, реши да додели и две придружни награди „Антев златник“: станува збор за златник со ликот на поетот Анте Поповски, кој ќе им биде врачен на Михајло Свидерски, за поетскиот ракопис „Граници“ и на Сузана В. Спасовска, за поетскиот ракопис „Јазикот на светлината“.

Годинава се востанови и наградата „Антев часовник“, за млади поети до 25 години, со цел дополнително да се стимулира творештвото на најмладите таленти. Наградата „Антев часовник“ ѝ се доделува на младата поетеса Емануела Ковачевска за поетскиот наслов „Кожена душа“.