Вечерва во рамките на „Бит-фест“, со оркестарот „Њујорк џипси ол стар“, Лумановски ќе одржи целовечерен концерт. Интересот за овој концерт во Битола е огромен. Во претпродажба се продадени над 2.500 влезници, а според зборовите на организаторот на концертот Хераклеја ќе биде исполнета до последното место

Кога пред нешто повеќе од 34 години малиот Исмаил Лумановски како дете ги направи првите чекори во Музичкото училиште во Битола, кај својот прв учител Панде Татарчев, и кога ги засвири првите ноти сонуваше еден ден да стане музичка ѕвезда. Како дете ја сакаше хармониката, но токму професорот Татарчев го премисли и го натера да свири кларинет. Денес Исмаил Лумановски-Смајко е светско музичко име, кој настапувал на речиси сите светски музички сцени во светот: Виена, Њујорк, Париз, Пекинг, Луцерн…

Но и покрај тоа што речиси нема музичка сцена каде што не настапувал, сепак, уште како дете сонувал еден ден да настапи во античкиот театар во Хераклеја. Тој детски сон ќе му се исполни вечерва, кога во рамките на битолското културно лето „Бит-фест“, со поддршка на општината Битола, Лумановски со оркестарот „Њујорк џипси ол стар“ ќе одржи целовечерен концерт. Интересот за овој концерт во Битола е огромен. Во претпродажба се продадени над 2.500 влезници, а според зборовите на организаторот на концертот Хераклеја ќе биде исполнета до последното место.
– Јас најдобро зборувам преку кларинетот, зашто тој најдобро ме разбира. Сум свирел на речиси сите светски сцени, но настапите во мојата родна Битола, а особено аплаузот на моите сограѓани кај мене предизвикуваат огромни чувства.

Затоа сонував да имам свој целовечерен концерт во Битола, во Хераклеја. Сега кога тој сон конечно ми се оствари, морам да се покажам во најдобро светло. За овој концерт се подготвував подолго време и направив неколку нови аранжмани на песни за Битола. Мислам дека ќе ги оправдам очекувањата на моите битолчани. Иако во мојата музичка кариера најмалку сум настапувал во Битола сепак Битола мене многу ме задолжи, бидејќи неодамна ја добив мојата најдрага награда, наградата на авторот на песната „Битола мој роден крај“ на Ајри Демировски – вели Исмаил Лумановски, кој живее во Њујорк, а својата музичка наобразба ја имал кај светски познатиот кларинетист и професор Чарлс Најдих, кој само што го слушнал бил воодушевен од неговото страсно свирење и динамична виртуозност.

По завршувањето на музичката школа „Интерлохен“ во Мичиген тој се запишал на познатиот универзитет „Џулијард“ во Њујорк каде што дипломирал, а подоцна и магистрирал за кларинет. Својата дарба и виртуозност и како студент, а и подоцна како магистер по кларинет ја потврдувал на речиси сите негови многубројни настапи. По еден негов навистина извонреден музички настап во Њујорк, во светки познатиот весник „Њујорк тајмс“ музичкиот критичар ќе забележи: „Исмаил е брилијантен и бестрашен млад кларинетист, солист што успешно се усогласува со секој еден инструмент од големите оркестри“.

Со неговиот оркестар „Њу џипси ол старс“, кој го формирал по сугестија на неговиот менаџер и продуцент Сердар Илхан, тој на американската публика му е претставен како виртуоз на современата балканска музика, кој со својата бескрајна креативност и талент успева со својот кларинет и уникатен звук целосно да ги освои срцата на сите љубители на музиката.