Во центарот на градот на поезијата, Струга, на јужната фасада на центарот за култура „Браќа Миладиновци“ деновиве осамна мурал насловен „Химна и разбој“, посветен на познатиот македонски револуционер, писател и општествено-политички работник Владо Малески (1919 – 1984). Муралот прикажува стихови од химната на Македонија и мотив од романот „Разбој“, во комбинација со ликот на Малески и фрагменти од струшкиот вез.
Скицата за муралот ја изработи Горан Ристевски, ликовен педагог во средношколскиот центар „Нико Нестор“ во Струга, а реализацијата на делото е во рамките на проектот „Градиме култура, сликаме култура – мурали за 30 години независност“, која се реализира во осум града во земјава.
– Убаво е чувството кога наутро го гледаш ликот и читаш стихови на нашата химна „Денес над Македонија се раѓа“, дело на нашиот великан, стружанецот Владо Малески. Упатувам благодарност до уметникот Горан Ристевски, кој несебично се вложи во овој проект, со што оставаме трајни вредности за сите нас и за генерациите што доаѓаат – вели директорката на струшкиот центар за култура, Николина Велкоска. Ст.К.