Иницијативата за исцртување мурали на јавни простори има цел на креативен начин да зборува за одредени теми, кои активираат и мобилизираат не само поединци туку цели групи и заедници за градење праведно општество

Со изработка на мурал на фасадата на киното „Партизан“ во Битола се отвора годинашната програма на јубилејното, 15-то издание на АКТО, фестивалот за современи уметности, во продукција на организацијата „Факултет за работи што не се учат“. Автори на муралот се колективот КУРС од Белград, а изработката е во продукција на организаторот, во партнерство со Народниот театар – Битола.
Овој мурал е дел од серијата мурали што деновиве се изработуваат во уште шест други града: Штип, Прилеп, Велес, Кочани, Гевгелија, Скопје. Автори на муралите се: Јана Јакимовска, Миле Ничевски, Ненад Тонкин, Ристо Аврамовски, Филип Јовановски, Владимир Милиќ и Давор Кешкец. Овој зафат, кој се протега на површина од околу 600 квадратни метри, и тоа паралелно во седум града е концепт, кураторство и организација на Филип Јовановски, извршен продуцент е Ненад Тонкин, а во продукцијата се вклучени и Марија Стојанова, Кристијан Караџовски, Денис Ампев, Александар Јовановски и Ивана Васева.

Во Скопје, на Домот на културата – Ченто, муралот е насловен „Солидарноста е темел на иднината“, а автор е Владимир Милиќ. Во Гевгелија, под наслов „Физичка дистанца, социјална блискост/комшијата и во арно и во лошо“ муралот го работи уметникот Миле Ничевски. Во Прилеп, автор на муралот „Напред, само без заборавање“ е Ристо Аврамовски, во соработка со Филип Јовановски и Ненад Тонкин, во Штип работи Јана Јакимовска, во Велес – Давор Кешкец, а во Кочани – Ненад Тонкин.
– Иницијативата за исцртување мурали на јавни простори има цел на креативен начин да зборува за одредени теми, кои активираат и мобилизираат не само поединци туку цели групи и заедници кон активирање и работење на заедништвото и заедничкото во градење на едно праведно општество.

А токму заедништвото и заедничкото, како и културата на солидарноста, се покажаа како најургентни прашања кон кои треба сите да се фокусираме за време на пандемијата со коронавирусот. Покрај тоа, оваа програма критички ги адресира, преиспитува и истражува прашањата поврзани со модерното визуелно и архитектонско наследство, нејзината естетика како и нивните последици во денешниот свет. Таа се манифестира преку креативни формати на акција – мурали, произведени преку активен дијалог и соработка помеѓу културните работници и организации во секоја локална заедница поединечно – вели организаторот.

АКТО за време на пандемијата го окупира јавниот простор и адресира пораки што треба да мобилизираат и да еманципираат во насока што ќе им пркоси на националистичките и авторитарни тенденции, кои, според организаторот, сѐ уште постојат во јавниот дискурс и го спречуваат развојот на општеството, а ги загрозуваат и правата и слободите на граѓаните. Фестивалот годинава потсетува на вредностите за кои сите овие изминати години се бори и ги промовира: антинационализмот, антифашизмот, антидискриминација, почитување на различностите, почитување на соседите, солидарноста, помагањето на послабите, слободата и критичката мисла, против насилството и родовата рамноправност.