Во центарот на Прилеп, тројца прилепски уметници на две различни локации насликаа мурали на Блаже Конески и Стале Попов. Идејното решение и изведбата на муралите е на познатите академски ликовни уметници Сања Јездиќ, Ферди Булут и Александар Џинго, кои не го криеа своето задоволство што создале вредни дела.

Изработката на муралите беше во рамките на проектот „Уличната уметност, можност за реактуелизација и презентација на дејноста и делата на нашите истакнати дејци – поетот и лингвист Блаже Конески и писателот романописец Стале Попов“, што го реализираа Дрим Фактори и Центарот за современа ликовна уметност-Прилеп, а финансиски беше поддржен од Владата преку јавниот повик за финансиска поддршка за индустријата и операторите за организација на настани по повод 30 години од државноста.
Ова е дел од уличната уметност, преку која се постигнува автентичност и обележје на многу градови и која живее и во виртуелните заедници, виртуелните јавни дискурси и неодамна стана предмет на присвојување од популарната култура и главната симболика на современоста велат од ЦСЛУ, потенцирајќи дека имаат бројни проекти со кои би можеле да се овековечат заслужни личности за Македонија.
Ка.М.