Главната изложба на „Допирот“, дел од проектот „Ние сме тука: идни екологии“, мултимедијален проект со Националната галерија во организација на кураторката Ана Франговска, а во партнерство со Британскиот совет и „Лукс“, ќе биде отворена на 15 септември во мултимедијалниот центар „Мала станица“.

Програмата „Ние сме тука: идни екологии“ се состои од компилацијата од четири дела со подвижни слики од колекцијата на „Лукс“: Уриел Орлоу, „Мути“, 2016; Луис Хендерсон, „Ол дет ис солид“, 2014; Шарлот Проџер, „ЛХБ“, 2017; Бен Риверс, „Урт“, 2016 и ќе бидe претставенa во рамките на македонскиот проект „Допирот“, заедно со делото на Бедвир Вилијамс „Ѕвезден гласник“, 2013, дел од колекцијата на Британскиот совет.

„Допирот“ вклучува и тројца македонски уметници и проекти што се занимаваат со прашања од областите екологија, миграција, идентитет, маргинализација, правење убавина од грдото: Кристина Пулејкова со проектот со подвижни слики и видео во виртуелна реалност „Место на спојување“, Велимир Жерновски со мултимедијалната инсталацијата „Зад црнилото“ и Елпида Хаџи-Василева со комплексната просторна инсталација „Силентио патолоџиа“.

– Изложбата ќе биде придружена со голем број активности со помош на кои ќе се продлабочи дебатата околу мошне актуелното и горливо прашање за заштита на животната средина и развивање на свеста со помош на уметноста како медиум, и тоа: отворени онлајн разговори со уметниците и кураторите, панел-дискусии, работилници за млади и возрасни поврзани со екологија и уметност на подвижни слики, работилница за инклузија на лица со посебни потреби, конференции, презентации на интердисциплинарни соработки помеѓу дивергентни факултети чии истражувања ќе бидат претставени пред јавноста, кураторски водства низ поставката – најавуваат од Националната галерија.