Во изложбениот салон од Центарот за култура во Кичево, вечерва во 19 часот ќе биде отворена првата самостојна изложба на скулптури со наслов „Музички орнаменти“ на Емил Солески, скулптор од Прилеп. Скулптурите во оваа изложба се изработени во камен и истиот опус покрај вечерва во Кичево, претходно беше претставен во Крушево и родниот град на Солески, Прилеп.

– Солески вечерва се претставува со нова димензија, тој на еден препознатлив начин за него, со совршено мазни линии во скулптурата, ги слеал размислите на раѓањето на звукот и неговото брановидно пренесување низ просторот и времето – истакнаа од Центарот за култура.

Инаку Солески е роден 1969 година во Прилеп. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2002 година, отсек вајарство со конзервација и реставрација. Досега се има претставено со повеќе самостојни изложби во Прилеп и Крушево. Учествувал на повеќе групни изложби во Скопје, Берат, Крушево. Тој е автор на бистите на народните херои на Могилата на непобедените во Прилеп, како и на Пере Тошев и на Пеце Атанасоски во родниот град. Работи како ликовен педагог во Крушево.