Во големата сала на Филхармонијата, на 30 ноември биг-бендот на Здружението на џез-музичари на Македонија (ЗЏМ), ќе ги изведе најдобрите теми на една од најпопуларните групи на сите времиња, „Рејдиохед“.

Станува збор за проектот под наслов „РЕЈДИОХЕДЏЕЗ!“ со џез-верзии на песните на британската алтернативна рок-група „Рејдиохед“ – бенд кој од своето постоење до денес изврши огромно влијание на повеќе генерации музичари ширум светот и донесе прогресивен, иновативен и моќен звук.

-Џез-аранжманите на нивните композиции ќе бидат уникатна фузија меѓу различните музички правци и тоа за првпат ќе биде претставено на македонската музичка сцена – информираат од ЗЏМ.

Концертот е закажан во 20 часот.

Со биг-бендот на ЗЏМ ќе диригира Зиги Фајгл од Австрија, познат на македонската публика од неговите досегашни фантастични настапи со овој ансамбл.