Посети го музејот

Музејот на Берово е сместен во зграда во самиот центар на градот, која е реконструирана во духот на оригиналната архитектура од крајот на 19 век. Значајно е што во неа било отворено првото народно училиште, а бил создаден и првиот НОО за Берово. Во конципирањето на музејот помогнале признаени национални експерти од областа на историјата и етнологијата, кои успеале да направат спој меѓу елементите од постојната музејска поставка во манастирскиот комплекс „Св. Архангел Михаил“ и нови елементи и експонати. Историските поставки што се сместени во музејот се состојат од документи и предмети што говорат за историјата на малешевскиот народ од времето на Дедо Иљо Малешевски, Никола Петров Русински, Димитар Поп Георгиев Беровски, Разловечкото востание, развојот на Малешевијата помеѓу двете светски војни и развојот на Малешевијата по Втората светска војна.
За збогатување на изложбата се поставени и случајните наоди на антички и средновековни монети, кои говорат за економскиот развој и трговските односи на Малешевијата, како и за постоење на римска цивилизација на ова поднебје.
Етнолошката поставка се состои од реконструкција на малешевска соба, малешевска носија, малешевски накити, грнчарско производство, музички инструменти и реконструкција на малешевска ковачница. Музејот како самостојна институција е можност повеќе да се иницираат и преземат истражувачки работи на подрачјето на Општина Берово и да се збогати музејската колекција со нови артефакти.
Музејот на Берово е дел и од комплексниот проект за уредување на центарот на градот, што е приоритет во стратегијата за одржлив развој на Општина Берово, како основен предуслов што ќе придонесе за економска и социјална ревитализација на Берово, развој на туризмот и севкупен позитивен развој на општината.