Разликата ја направија неколку посебни изложби, вклучувајќи ги и оние на големите уметници Веласкез, Рембрант и Вермер. Само еднаш досега „Прадо“ ја надминал бројката од три милиони посетители во една година

„Прадо“, познатиот мадридски музеј, забележа рекорден број посети во 2019-та, годината во која славеше двесте години постоење. Повеќе од 3,2 милиони луѓе го посетија музејот минатата година, 10 отсто повеќе отколку во 2018-та, објави шпанската новинска агенција „Еуропа прес“.
Разликата ја направија неколку посебни изложби, вклучувајќи ги и оние на големите уметници Веласкез, Рембрант и Вермер. Само еднаш досега „Прадо“ ја надминал бројката од три милиони посетители во една година. Тоа беше во 2016 година, делумно благодарение на изложбата по повод 500-годишнината од смртта на уметникот Хиеронимус Бош.

Со повеќе од 8.600 слики и цртежи и околу 700 скулптури, „Прадо“ е еден од најпопуларните музеи во светот. Својата врата ја отворил на 19 ноември во 1819 година.
Музејот „Прадо“, кој е своевидна мека за љубителите на уметноста што ја посетуваат Шпанија, и особено Мадрид, е сместен во паркот „Прадо де Сан Херонимо“, во срцето на Мадрид. Сместен во неокласицистичка зграда, дело на Хуан де Вилјануева, пред која се наоѓа бронзена скулптура на мајсторот Веласкез, музејот ја има една од највредните светски збирки на слики и скулптури, наследство на шпанските кралеви и на затворените распуштени манастири.

Првичната колекција со која бил отворен музејот имала само 300 слики, најмногу од шпански уметници, но со текот на времето, драстично се зголемувала. Во 1980-тите години, била донесена одлука да се одделат „старите“ од „новите“ дела и модерните уметнички дела, како тие на Пикасо, Дали или Антони Тапиес, биле префрлени во музејот „Реина Софија“. Така, денес „Прадо“ е музеј во кој можат да се видат претежно делата на старите мајстори, направени во периодот од 12 до 18 век, меѓу кои се среќаваат слики на најголемите шпански, холандски, германски и италијански сликари (Ел Греко, Диего Веласкез, Џанбатиста Питони, Франциско Гоја, Сандро Ботичели, Албрехт Дирер, Микеланџело Мериси Караваџо, Петер Паул Рубенс, Тицијано Вечели-Тицијан, Хиеронимус Бош итн.).

Музејот „Прадо“, според официјалните податоци од февруари 2017 година, располага со огромна колекција од повеќе од 35.000 уметнички дела и други предмети. Меѓу нив има 8.045 слики, околу 1.000 скулптури, 9.561 цртеж, 5.973 графички отпечатоци, 34 графички матрици, 2.155 ковани парички, ордени и медали, 1.155 украсни предмети и други декоративни уметнички дела, над 15.000 фотографии, 4 ракописи од книги и 155 рачно цртани и графички отпечатени мапи. Сепак, најпривлечни за посетителите остануваат уметничките слики. Шпанските сликари, особено Гоја и Веласкез, се атракција за многумина што доаѓаат во Мадрид да ги видат делата на овие уметници, кои се претставени подобро отколку во кој било друг музеј во светот.

Најпознатото дело во музејот е „Дворски дами“ на Диего Веласкез, а тука се и прочуените „Градина на земските наслади“ од Хиеронимус Бош, „Давид и Голијат“ на Караваџо, „Христос го носи крстот“ на Ел Греко и „Семејството на Карло Четврти“ од Гоја.