Музејот е формиран во 1949 година од страна на тогашниот Градски народен одбор како Народен музеј на градот, а по земјотресот во 1963 година и санацијата на објектот на железничката станица се вселил во неговите нови адаптирани простории во 1970 година

Седумдесет години постоење неделава ќе одбележи Музејот на градот Скопје, поточно на 12 февруари, оваа значајна институција, освен овој јубилеј, ќе одбележи и педесет години од користењето на објектот во кој се наоѓа, старата железничка станица. За 13 часот е закажана промоција на монографијата „70 години Музеј на градот Скопје“, чиј промотор е академик Вера Битракова, а најавени се обраќања на директорот Славко Лисичков и на градоначалникот Петре Шилегов, кои треба да се обратат и вечерта на отворањето на јубилејната изложба, со почеток во 20 часот, за кога е закажана и видеопроекција (3Д мапинг-технологија). Со проекцијата всушност на музејскиот влез, на предната страна на фасадата ќе биде промовиран јубилејот преку светлосно визуелни ефекти, при што таа ќе биде поткрепувана со проекции на најразлични предмети од музејскиот фундус.

– Во првата изложбена сала, преку видеопроекција, ќе бидат претставени активности и настани од основањето на музејот до денес. Видеопрезентацијата преку фотографии во проекција од 360 степени, прв пат изработена на нашите простори во 3Д мапинг-технологија, ќе ја опфати музејската и галериската работа во изминатите 70 години, поделена на декади. Во втората изложбена сала ќе биде претставен дел од збирката на плакати за изложби од изминатиот период од работењето на музејот, а пак во третата сала ќе може да се погледне изложба со дел од најзначајните експонати од неговите збирки, уметнички дела, преглед на најзначајните настани (изложби, археолошки ископувања и истражувања, промоции и презентации…), како и избор од најзначајните публикации – најавија меѓу другото деновиве од музејот.

БОГАТА МУЗЕЈСКА ИСТОРИЈА

„Сакате да ја видите ’Големата Мајка’ во живо!? Повелете на нашата изложба ’70 години Музеј на градот Скопје’“, се дел од најавите за јубилејот што деновиве може да се прочитаат и на музејската фејсбук-страница, каде што меѓу другото има и фотографии од вредните артефакти. Меѓу етнолошките експонати е и комплетот невестинска носија од с. Булачане, Скопска Блатија, изработена во почетокот на XX век, а пак од врвните уметнички дела од областа на сликарството што ќе можат да се видат на изложбата е и маслото на платно „Питач“ на Никола Мартиноски од 1938 година.
Музејот на градот Скопје е формиран во 1949 година од страна на тогашниот Градски народен одбор како Народен музеј на градот Скопје. По земјотресот во 1963 година и санацијата на објектот на железничката станица (проект на дипл. инж. арх. Светислав Петровиќ), музејот се вселил во неговите нови адаптирани простории во 1970 година.
– Остварувајќи ја својата основна мисија, Музејот на градот Скопје уште од почетокот стана место на непосредно фактографирање на историскиот, општествениот, стопанскиот и културниот живот на градот. Набргу, импозантниот број реализирани музејски презентации и манифестации во земјава и во странство, археолошки и теренски истражувања, организирани збирки и музејски поставки преку кои се афирмира културното наследство на градот Скопје, од него создаваат значаен културен центар – посочуваат од музејот, напоменувајќи дека тој остварува богата научноистражувачка дејност и врши собирање, средување, стручна обработка, чување, заштита, презентација и публикување на музејски материјал од областа на археологијата, етнологијата, историјата, историјата на уметноста и историјата на архитектурата.

Овој музеј врши археолошки истражувања на територијата на градот Скопје, како и заштита на археолошките, етнолошките, историските и уметничките предмети на подрачјето за кое е основан.
– Преку постојани изложбени поставки, повремени и подвижни изложби, предавања, семинари, курсеви и други форми на дејствување, врши едукативна функција, развивајќи интерактивна комуникација со посетителите. Музејот го презентира музејскиот материјал и преку сопствената издавачка дејност, а го збогатува фондот од музејски предмети преку теренски истражувања, археолошки ископувања и откупи на артефакти. Го збогатува фондот на уметнички дела и овозможува пошироката публика да се запознае со актуелниот творечки опус на современите уметници од земјава и од светот. Музејот од своето основање до денес го обезбедува правото на култура и на еднакви можности за пристап до културата за сите корисници – велат меѓу другото од Музеј на градот Скопје, напоменувајќи дека тој „стана значаен центар за чување, заштита и презентација како на нашето културно наследство, така и на современата култура и уметност“.

ГОЛЕМАТА МАЈКА ОД ЦЕРЈЕ

Меѓу вредните археолошки експонати што несомнено ќе привлечат внимание на изложбата се и керамичките скулптури од неолитот, Адам и Големата Мајка, пронајдени на локалитетот Церје – Говрлево крај Скопје, локалитет што е откриен пред речиси 40 години. Познатата неолитска керамичка скулптура, антропоморфниот модел на куќа познат и како Голема Мајка, е откриена во 1981 година, со димензии 36 х 26 х 23 см.

– Во 1981 година, сосема случајно, во ископ на бунар, археологот Милош Билбија здогледал аморфни парчиња од керамика – со лице, делови од рака, од заоблен стомак со папок… Ова се случило на јужните падини на Водно, каде што денес, благодарение на долгогодишните истражувања, имаме огромен број податоци за една неолитска населба, која ќе го промени нашето гледиште за македонскиот неолит. Слично како и тука, во Церје – Говрлево, речиси во истиот период, во сосема различен контекст, при археолошките истражувања на внатрешноста на една неолитска куќа е откриен речиси ист таков предмет, но тука, во Тумба – Маџари (во централниот дел на Скопската Котлина), целосно зачуван. Денес, по четириесетина години од откривањето на овие предмети, тогаш наречени „Голема Мајка на плодноста“, се откриени голем број вакви предмети. Врз основа на нивното масовно присуство, особено од аспект на нивната симболичка вредност, македонскиот неолит е препознаен во светски рамки – изјави деновиве по повод јубилејната изложба Љубо Фидановски, кустос-советник за неолитски период во музејот, раководител на проекти поврзани со Говрлево.
Според него, тие предмети, изработувани на рака, од керамика, се составени од два основни дела: горен, антропоморфен дел во вид на цилиндар, на кој најчесто е изведуван стилизиран лик и од кој се извлекувани раце, кои заедно со долниот дел на цилиндарот се потпираат на долниот, „архитектонски-геометризиран“ дел, кој најмногу личи на куќа. Со текот на времето, по редицата студии за нивното значење, интерпретативниот назив „Голема Мајка“ сè почесто се заменува со многу понеутралниот термин – антропоморфен модел на куќа, а понекогаш е користен и (повторно интерпретативен) називот „Мајка-куќа“.

– Во археолошките кулоари струи приказната дека во периодот пред и до откривањето на примерокот од Тумба – Маџари овие предмети биле познати, но поради нивната фрагментарност, науката не била во можност да им го реконструира изгледот, па, оттаму, тие останале на маргините во повеќето стручни изданија за македонскиот неолит. Оваа слика целосно се менува по „ексклузивното“ откритие на Воислав Санев, на Тумба – Маџари, каде што првпат е откриена целосно зачуваната „Голема Мајка“. По повеќе од половина век истражувања на македонскиот неолит, денес знаеме за масовното присуство на овие најавтентични примероци од овој период на предисторијата во оваа земја. Тие по својата бројност и разновидност, на повеќето локалитети од раниот, средниот, а многу помалку и во доцниот неолит, го издвојуваат македонскиот неолит како уникатен, и тоа што е многу интересно во денешните граници на Република Македонија“, вели тој.