Музејот на градот Загреб потсети на југословенската недела на хигиената

Музејот на градот Загреб на својата фејсбук-страница деновиве објави интересни податоци од музејскиот споменар, кои се однесуваат на важноста на редовното одржување на хигиената, со оглед на актуелната пандемија на ковид-19 и во Хрватска. Имено, тој укажува дека лекарите до средината на 19 век не сметале дека миењето на рацете е многу битно, но и дека по Втората светска војна во тогашна Југославија редовно се одржувала Недела на хигиената.
Првиот лекар што направил исчекор во тој поглед бил Унгарецот Игнац Филип Земелвајс, вработен во виенската општа болница.

Земелвајс ја воочил големата смртност кај жените при породувањето, па заклучил дека причината за тоа е бабината треска. Тогаш се верувало дека болестите се шират низ воздухот поради лошите мириси од канализацијата или вегетацијата. Покрај тоа, лекарите приправници од виенската болница често по истражувачката работа во мртовечницата оделе во породилиштето да породат жена, без претходно да ги измијат рацете. Земелвајс претпоставил дека главните виновници за големата смртност на жените при породувањето се честичките на рацете на лекарите, кои за време на породувањето влегуваат во женските тела.
– Со желба да ја тестира својата теорија, им наредил на лекарите во иднина да ги мијат своите раце и инструменти во хлорна вар, која се надевал дека ќе го избрка смртоносниот мирис на честичките.

Пред тој тест, стапката на смртност на мајките изнесувала 18 проценти. По тестирањето на новата практика, стапката на смртност паднала на околу 1 процент. Но теоријата Земелвајс наишла на голем отпор и исмевање од страна на лекарите, кои биле навредени од предлогот дека тие може да ги предизвикаат инфекциите. Имено, лекарите доаѓале од семејства на средната и високата класа, па помислата дека рацете може да им бидат валкани им била апсолутно неприфатлива. Земелвајс ја изгубил работата, доживеал нервен слом, па на 47 години умрел во психијатриска установа. Но неговите сознанија се почеток на она што денес го знаеме и го практикуваме како основа на хигиената. Во текот на идните години се развивало разбирањето на бактериите и вирусите, а со тоа постепено се менувале и ставовите и практиката кон хигиената – велат од музејот.

Од нивниот споменар тие го издвоија и податокот дека по Втората светска војна, во тогашна Југославија редовно се одржувала Недела на хигиена. Целта на оваа манифестација била граѓанство и масовните организации целосно да се заложат за издигање на личната хигиена, на чистотата и редот во училиштата, во градинките, во детските и училишните домови, на слободните површини, во јавните сообраќајни средства, во станбените и индустриските објекти, во јавните локали за продажба на прехранбени намирници, како и во локалите за општествена прехрана.

– На еден од плакатите со образовна намена, со кој се огласувала тогашната Недела на хигиена, од 24.4. до 30.4.1947 година во Загреб (во организација на југословенскиот Црвен крст – Хрватска), се повикува на елементарно одржување на хигиената – миење на рацете. Со присутните симболи на чистота, вода, сапун и крпа за раце, дискретно се појавува и црвената ѕвезда петокрака, симболот на пропагандата на комунизмот, општественото уредување на тогашната држава – потсетија од Музејот на градот Загреб.